Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Северна Македонија со која утврди дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман и ја задолжи да им исплати отштета износ од 13.300 евра, информира здружението ХОПС – Опции за здрав живот.
Според известувањето на ХОПС во пресудата на Европскиот суд пишува дека е утврдена повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи (МВР) без да биде прикриен нивниот идентитет.
Станува збор за полициска акција на МВР во ноември 2008 година при која биле приведени 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи покрај кејот на Вардар.
„Од сите приведени, 23- сексуални работници без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар, а утредента беа однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде беа тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, па беа пуштени на слобода. За цело време додека беа лишени од слобода, на сексуалните работници од страна на полициските службеници им беа упатувани погрдни зборови и беа изложени на понижување и исмевање. Сите 23 приведени сексуални работници, ноќта ја поминаа во мала просторија, без пристап до храна, вода и тоалет, а дел од нив биле во апстиненцијални кризи со дијареја и повраќање“, се вели во соопштението на ХОПС.
По неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13 сексуални работници поднеле тужба за заштита на нивните лични права пред граѓанскиот суд во Скопје кој во два наврати утврдил повреда на правата и ги задолжил МВР и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди.
Откако Апелациониот суд ја преиначил пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжиле пред Европскиот суд за човекови права.
„Ги повикуваме надлежните институции навремено да ја спроведат одлуката на Европскиот суд за човекови права, да ги заштитат правата на сите жртви на полициската акција од 2008 година и да преземат мерки во иднина институциите, особено Министерството за внатрешни работи, да се воздржи од дејствија со кои ги повредуваат правата на сексуалните работници, како и мерки за ефикасна заштита на нивните права од страна на надлежните судови“, апелираат од ХОПС.