Протестен марш во недела за правата на еднородителските семејства

Во недела, 13 февруари во 13 часот, „Една може!“ организира протестен марш за правата на самохраните мајки и еднородителски семејства.

Маршот ќе се движи од Жена – парк до Министерство за труд и социјална политика.

Со овој марш, „Една може!“ и поддржувачите на нивната мисија имаат за цел да го изразат незадоволството кон сите институции кои се глуви на нивните барања и барањата на нивните членки.

„Со задоволство ве покануваме сите, без разлика дали сте самохрани родители, разведени партнери, индивидуи, поддржувачи, млади и возрасни, новинари и репортери, вработени и невработени, јавни личности и политичари. Нашите права не смеат да бидат табу тема!“, стои во најавата за протестниот марш.

Нивните барања се однесуваат на зголемување на социјалната помош, детски и образовен додаток за сите деца од еднородителски семејства, како и барање социјалните центри да постапуваат согласно законските правила, најчесто кога се одлучува кому ќе припадне детето.

Организаторите на настанот објавија и повик за повеќе волонтери, како и онлајн форма во која сите заинтересирани можат да им достават сопствени барања пред маршот.

Организацијата „Една може!“ постои од 2014 година. Работат на ефективна промоција и поддршка во остварување на правата на девојки и жени, со фокус на унапредување на правата на самохраните родители и еднородителските семејства. Организацијата се заложува за можности, правда и правичност за сите девојки и жени, зајакнување и едукација, антидискриминација, социјална инклузија и слобода без ограничувања.