Македонија со свој претставник на 18. Интернационална изложба на архитектура во Венеција

„Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“ е овогодишниот национален претставник на 18. Интернационална изложба на архитектура во Венеција.

Станува збор за психогеографски асамблаж од парчињата, спомените, кажувањата, приказните за настаните, местата и луѓето во и околу Летната школа на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Носител на проектот е Здружението за истражување на градот – „Градот убав“, Скопје. Оттаму велат дека при крај се со подготовките за изложбата што треба да се отвори во четврток (18 мај), на Светскиот ден на музеите.

„Ова поставка сака да даде една документарна основа на сеќавањањата, приказните, замислите, доживувањата, изложени на заедничка маса, на сличен начин како што на чардакот од конакот се разговараше, работеше, изложуваше. На тој начин собраните објектите, слики, записи, цртежите како трагите од минатото ни сведочат за една можна заедничка иднина. Работата во Летната школа има два клучни аспекти, прво, ги истражуваше различните стратегии на архитектонската педагогија, проширувајќи ги границите на мислење и правење на архитектурата, преку прашањата кои ги отвараше како теми на различните сесии, второ, делуваше на другата страна на геополитички трендови на своето време во критичните 1990-ти години“, велат од носечкото здружение.

Комесар на проектот е Дита Старова Ќерими, а куратори се: Александар Петановски, Димитар Крстески, Дарко Драгановски, Марија Петрова и Горан Петров. Излагачи во поставката се: Минас Бакалчев, Митко Хаџи-Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски. За успешна подготовка и реализација, свој придонес дадоа соработниците: Амир Ахмети, Егзона Зендели, Кире Ставров, Влера Тачи, Теодора Илиевска, Сара Алаѓозовска, Ахмед Пошка, Тамара Павлеска, Теодора Стеваноска, Марија Илиев, Горан Трајановски, Маријана Јаневска, Кристијан Ристовски, Едон Фетаху, Никола Момировски, Фјола Пустина, Симона Костовска, Александра Наумовска, Ива Митевска, Енис Абовски, Кирил Кочоски, Мила Јакоимовска, Харика Шехаби, Илија Мошев и Домника Бошкова.

„Првата школа започна со истражување на корените на преродбенската архитектура во делото на протомајсторот Андреа Дамјанов, документирајќи ги објектите и нивната поставка во манастирот. Низ годините Летната школа се формираше во еден уникатен педагошки експеримент, во неизвесната авантура на учење, правење и преиспитување на границите на архитектурата и уметноста“, наведуваат од „Градот убав“.

Во дејството на Летната школа свој придонес дале низа домашни и странски автори, меѓу кои и Александар Никољски, Живко Поповски, Борис Чипан, Владимир Георгиевски, Ранко Радовиќ, Антон Швајхофер, Петар Габриелчич, Гоце Аџи Митревски, Георги Константиновски, Хрвоје Њириќ и други.