Махша Амини и движењето „Жени, живот, слобода“ ја добија европската награда „Сахаров“

Овогодишната награда „Сахаров“ е постхумно доделена на Махша Амини и движењето „Жени, живот, слобода“ кое беше поттикнато од нејзината смрт во притвор во Иран.

Амини беше уапсена од „моралната полиција“ на Иран во септември 2022 година под обвинение дека не го носела нејзиниот хиџаб во согласност со строгите правила за облекување на Иран. Таа почина во притвор на 22-годишна возраст.

Иранските власти тврдеа дека таа починала од претходни здравствени проблеми, додека дел од јавноста и организациите за заштита на човековите права се сомневаа дека нејзината смрт настанала како последица на мачењето и тепањето од полицијата  додека била во притвор.

Смртта на Амини предизвика масовни протести против владата на Иран, на кои жените ги палеа хиџабите во пркос на строгите норми насочени кон жените во земјата. Стотици демонстранти загинаа во пресметките со безбедносните сили кои се обидуваа да го задушат незадоволството.

По прогласувањето на добитниците на наградата, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, изјави дека смртта на Амини претставувало „пресвртна точка“.

„Беше повод за движењето предводено од жени кое ја менува историјата. Тоа движење се залага за дигнитет и слобода на Иран“, рече Мецола.

„Сахаров“ наградата ја доделува Европскиот парламент на поединци и групи кои ја бранат слободата на изразувањето и човековите права. Признанието е именувано во чест на физичарот од Советскиот Сојуз, политичкиот дисидент и добитник на Нобеловата награда за мир во 1975 година, Андреј Сахаров.

Другите овогодишни финалисти беа Вилма Нуњез Ескорциа и свештеникот Роландо Хосе Алварез Лагос од Никарагва, како и три жени кои се бореа за слободен, безбеден и легален абортус – Јустина Видржинска од Полска, Морена Херера од Ел Салвадор и Колин МекНиколас од САД.

Минатата година наградата „Сахаров“ беше доделена на украинскиот народ за „заштита на демократијата, слободата и владеењето на правото“ во тек на руската инвазија и војната во Украина.