Либанците се исмејуваат со министерот кој кажа дека карантинот е можност за жените да готват

Либанците се исмејуваат со министерот за внатрешни работи во заминување, Мохамед Фами, откако тој изјави дека забраната за достава на храна во земјата, поради мерките за коронавирусот, е можност за жените да почнат да готват, пренесува „Франс прес“.

Од саботата во Либан на сила стапи делумниот двонеделен карантин, во обид да се застане на патот на ширењето на коронавирусот од кој се инфицирани 100.000 луѓе, додека одделите за интензивна нега во болниците се преполни.

Кога новинар му постави прашање на Фами, околу тоа што Либанците ќе прават во недела, кога поради целодневниот полициски час е прекината работата на популарните сервиси за достава на храна од рестораните и супермаркетите, тој одговори „Жените нека готват малку“.

На ваквата изјава, жени преку социјалните мрежи му одговорија на министерот со оштра критика, обвинувајќи го за сексизам, користејќи го хаштагот #Не_готвам_во_недела.

„#Сексизмот е длабоко вкоренета репресија и дискриминација против нас, жените, националните ‘лидери’ бесрамно поддржуваат нерамноправност“, напиша професорката Кармен Геха на Твитер.

„Ќе готвам оној ден кога ќе почнат да го собираат и да го рециклираат ѓубрето“, додаде таа, алудирајќи на често критикуваните јавни служби.

На ваквата акција се придружија и мажите, објавувајќи фотографии на социјалните мрежи каде сецкаат храна и работат во кујната.

„Се извинувам драг министре, што денеска готвам за моите синови“, напиша еден разведен маж, под фотографијата на Фејсбук каде што ја поставува масата за ручек.

„Се извинувам што нивната мајка е лекар како мене, и шеф на еден оддел во Франција, а јас и моите деца сме многу горди на неа“, додаде тој.

Либан сè уште се опоравува од разорните експлозии на пристаништето во Бејрут од август каде загинаа повеќе од 200 луѓе, но се бори и со економската криза, која предизвика масовни протести против политичарите, кои народот ги смета дека се некомпетентни.