Лековите опасно ги имаат загадено светските реки, предупредуваат научниците

Лековите ги загадиле реките низ целиот свет и претставуваат „глобална закана за екологијата и човечкото здравје“, покажа нова студија која е досега најдетална на оваа тема.

Веќе е познато дека фармацевтските производи и други биолошки активни состојки кои ги користат луѓето прават штета на природата, додека антибиотиците во животната средина го зголемуваат ризикот за отпорност на лекарствата, една од најголемите закани на човештвото.

Научниците ја мереле концентрацијата на 61 активни фармацевтски состојки (АФС) на повеќе од 1.000 различни локации низ 258 реки во 104 држави на сите континенти. Само две места биле незагадени – Исланд и село во Венецуела каде домородното население не користи модерна медицина.

Најчестата состојка која ја регистрирале била карбамазепин, лек против епилепсија, кој тешко се разградува. Дополнително меѓу најчестите АФС биле и кофеинот и метформинот. Сите овие три состојки биле најдени на најмалку половина од анализираните локации. Антибиотици биле најдени во опасни количини на една од секои пет локации и многу подрачја имале барем една АФС на ниво штетно за дивиот свет.

Активните фармацевтски состојки завршуваат во реките откако се земаат од луѓето или им се дава на добитокот и потоа се испуштаат низ канализацискиот систем или директно во природата. Дел од нив се претпоставува и дека истекуваат од фармацевтските фабрики.

Некои од точките со најголема концентрација на АФС биле Лахоре во Пакистан, Ла Паз во Боливија и Адис Абеба во Етиопија. Мадрид во Шпанија се наоѓа во топ 10% на места со највисоки кумулативни концентрации, додека Глазгов во Велика Британија и Далас во САД се наоѓаат во топ 20%.

„Светската здравствена организација и Обединетите Нации велат дека антимикробската отпорност е најголемата закана за човештвото – тоа е следната пандемија. На 19% од локациите кои ги набљудувавме, концентрациите на антибиотиците ги надминуваат нивоата на кои се очекува бактериите да развијат отпорност на овие лекови“, вели Џон Вилкинсон, од Универзитетот во Јорк кој ја предводел студијата во која учествувале 127 научници од 86 различни институции.

Истражувањето објавено во медицинското списание „Лансет“ проценува дека 5 милиони луѓе починале во 2019 година од бактериски инфекции кои биле отпорни на антибиотици. Регионите кои се жртви на највисока антибиотска отпорност се совпаѓаат со оние каде има најголемо загадување со фармацевтски состојки, што води кон заклучок дека загадувањето на реките веројатно игра улога во развивање на оваа отпорност.