Астрономите детектирале чуден сигнал во вид на срцебиење од далечна галаксија

Астрономите регистрирале чуден радио сигнал кој емитира периодично „како срцебиење“ и доаѓа од далечините на вселената.

Научниците од Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ) биле изненадени од интензитетот на радио сигналот, како и од неговата периодичност.

Сигналот е класифициран како „fast radio burst“ (FRB), што значи дека станува збор за интензивни сигнали на радиобранови од непознато потекло. Овој кој моментално го анализираат научниците од МИТ засега е најдолг ваков брз радио бран досега, со јасно периодично повторување.

Сигналот е наречен FRB 20191221A и е околу 1.000 пати подолг од типичен ваков радио бран, што покренува прашања што може да го предизвика. Типичен FRB бран трае најмногу неколку милисекунди, но овој бран траел дури три секунди, а радио брановите се повторувале на секои 0,2 секунди што астрономите го нарекуваат „јасен периодичен шаблон“.

Астрономите се сомневаат дека сигналот може да доаѓа од тип на неутронска ѕвезда кои се екстремно густи, пропадни јадра од џиновски ѕвезди кои брзо се вртат и се остатоци од супернова.
„Има толку многу нешта во универзумот кои емитуваат строго периодични сигнали. Примери кои ги знаеме во нашата Галаксија се радио пулсарите и магнетари, кои ротираат и произведуваат зрачни емисии слични како светилник. Ние мислиме дека новиот сигнал може да е магнетар или пулсар на стероиди“, вели Даниеле Микили од Институтот за астрофизика при МИТ.

Првиот FRB сигнал беше откриен во 2007 година и оттогаш се регистрирани стотици слични блесоци на радио бранови низ Универзумот. Најголемиот дел од овие бранови досега се појавувале само еднаш, траеле неколку милисекунди пред да исчезнат.

FRB 20191221A била откриена во 2019 година кога Микили започнал да ги прима овие необични податоци преку Канадскиот експеримент за мапирање водороден интензитет (CHIME). Истражувањето е објавено во списанието за наука „Природа“.