Редок вид Галаксија уловена на нова слика на Телескопот „Џејмс Веб“

Американската вселенска агенција НАСА објави ретка и неверојатна слика од Галаксијата Тркало оддалечена 500 милиони светлосни години, чии прстени се појавуваат многу јасно на новиот Телескоп „Џејмс Веб“.

Како и за нашиот Млечен Пат, астрономите сметаат дека Галаксијата Тркало (Cartwheel galaxy) во минатото била спирална галаксија, но се претворила во прстенеска откако некој спектакуларен настан им дал ваква форма при судар со помала галаксија.

Тогаш се формирале два прстени од центарот на сударот слични на концентрични кругови кои се создаваат со фрлање на камен во вода што го прави нејзиниот специфичен изглед поради што и го добила името „Тркало“.

Првиот прстен, кој е повеќе во центарот, е многу светол, а другиот надворешен се шири 440 милиони години. При својата експанзија прстенот го пробива околниот гас и предизвикува формирање на ѕвезди.

Оваа Галаксија веќе беше регистрирана преку Вселенскиот телескоп „Хабл“, но инфрацрвените капацитети на „Џејмс Веб“ откриваат нови и досега скриени детали поради можноста да се види низ големото количество вселенска прашина.

„Телескопот „Џејмс Веб“ ни дава поглед во нејзината сегашна состојба, но истовремено ни дава и идеја за тоа што се случило во минатото и како ќе се развива во иднина“, велат од НАСА.

Телескопот „Џејмс Веб“ е инженерско ремек-дело вредно 10 милијарди долари. Беше лансиран во вселената на крајот на минатата година и се наоѓа на 1,5 милиони километри од Земјата. Минатиот месец НАСА ги објави првите фотографии направени од Телескопот кој на научниците ќе треба да им покаже како изгледале самите почетоци на Универзумот.