Телескопот „Џејмс Веб“ ги улови „Столбовите на создавањето“

Станува збор за класика – една од најубавите глетки во вселената која со помош на новиот супер телескоп „Џејмс Веб“ се прикажани во ново издание.

Таканаречените „Столбови на создавањето“ се ладни, густи облаци на водород и прашина во Соѕвездието Змија, оддалечени околу 6.500 светлосни години далеку од Земјата.

Сите големи телескопи ја имаат фотографирано оваа глетка, а најпознатите меѓу нив се сликите направени од Обсерваторијата Хабл во 1995 и 2014 година. Сега, „Џејмс Веб“ покажа нова неверојатна перспектива.

Со неговите инфрацрвени детектори, Телескопот може да види многу подлабоко во светлосните ефекти на прашината на „столбовите“ и да ја истражи активноста на новородените сонца. „Столбовите“ се наоѓаат во срцето на Маглината Орел, регион каде активно се создаваат нови ѕвезди.

„Столбовите на создавањето“ фотографирани од Хабл (лево) и „Џејмс Веб“ (десно)

„Ја проучувам Маглината Орел уште од средината на 90-тите години, обидувајќи се да видам во внатрешноста на огромните столбови кои ни ги покажа Хабл барајќи во нив млади ѕвезди. Отсекогаш знаев дека кога „Џејмс Веб“ ќе направи фотографии од нив, тие ќе бидат неверојатни. И навистина се“, вели за Би-Би-Си професорот Марк МекКогреан, советник за наука на Европската вселенска агенција.

Столбовите на Маглината Орел се осветлени и обликувани од интензивната ултравиолетова светлина од блиските масивни ѕвезди.

Фото: НАСА

Интересно е тоа што доколку денеска би можеле магично да се транспортирате на таа локација, „столбовите“ најверојатно повеќе не се наоѓаат таму. Тоа е поради фактот што ние ги гледаме во минатото. Светлината која ја уловил Телескопот „Џејмс Веб“ патувала 6.500 години за да стигне до него.

Моќниот Телескоп, на чиј дизајн се работеше 30 години и чинеше 10 милијарди долари, беше лансиран на крајот на минатата година. Тој користи најсофистицирана технологија и се смета за еден од најголемите научни дострели во 21-от век. Неговата мисија е барање на светлина од првите ѕвезди и галаксии формирани во Универзумот по Биг Бенг, истражување на формирањето и еволуцијата на галаксиите и поглед во тоа како се формираат ѕвездите и планетарните системи.