Лажните вести активни на Балканот и во 15 век, покажуваат првите кирилични книги

Ширењето лажни вести стана актуелно во 2016 година како дел од политичката кампањата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Меѓутоа, најраните дезинформации во светот датираат од времето на Фараоните во Египет, а подоцна со појавата на хартијата и првите печатарски машини, ширењето пропаганди станува масовно во Европа и на Балканот. Првите кирилични книги содржат написи за антиосманлиско пропагирање што денес се препознаваат во поговорите на овие книги.

Вака поставени, тезите на вчерашното отворено предавање „По трагите на ‘лажните вести’: првите кирилични печатени книги на Балканот како простор за антиосманлиско позиционирање“ поттикнаа дискусија дека дезинформациите не се новост на овие простори, туку постојат уште во ракописите, а со појавата на печатените кирилични книги стануваат многу подостапни.

„Огромен пресврт во историјата на пропагандата претставува пронајдокот на печатарската преса. Времето, ресурсите и луѓето кои претходно биле потребни за да се изработи книга се намалиле, па така, политичките пораки се пренесувале брзо, во илјадници копии и можеле да се дистрибуираат насекаде“, истакна истражувачката и професорка при Катедрата за Општа и компаративна книжевност, Кристина Н. Николовска која го водеше предавањето.

Таа објасни дека во јужнословенската традиција антиосманлиски пораки се пренесувале и во постарите ракописи, но по печатарската револуција во 1450-тите, ширењето на вакви пораки станало помасивно.

„Специфичен пример е Мартин Лутер затоа што тој не само што прави едни многу креативни политички памфлети за да ја поткопа католичката црква и нејзината моќ. Памфлети коишто се интересни од аспект на дизајн и се малечки и се само на неколку листа и луѓето можеле да ги склопчат некаде во џеб и со нив да патуваат насекаде. Тоа е невидена иновација од аспект на пропаганда. Токму заради тоа што биле евтини, достапни и лесни да се пренесуваат наоколу“, посочи Николовска, и додаде дека во тој период за пет години биле испечатени повеќе од 7.000 вакви памфлети.

„Медиумска војна меѓу Католоците и Протестантските реформатори во 16-ти век“ / Памфлет на Мартин Лутер (лево) и Памфлет на Католичката црква (десно)

За време на предавањето таа посочи на ракописен текст кој е вметнат на крајот од таканаречениот Цетињски Октоих што бил најверојатно испечатен во 1493 година. Вметнатиот ракопис зборува за опсадата на Белград во 1688 година. Овој додаток, како што укажа Николовка, на некој начин ја продолжува „приказната“ соопштена во колофонот на Октоихот од 1493 година, дека османлиското владеење ќе го доведе светот до својот крај, правејќи претстава дека османлиското владеење со векови се толкувало како „апокалиптично“.

„Mногу специфична работа за апокалипсите e да зборуваат за тоа како цените се покачени. Многу било важно дека е покачена цената на лебот, потоа и виното, ракијата, всушност колку сè чини. Со овој примерок на крајната страница сакам да кажам дека досега нема никакви информации кога е издаден. Првичната палеографска анализа на додатокот покажува дека тој е пишуван скоро по самиот настан во 1688 година. Но, Британската библиотека во Лондон, каде се чува овој примерок, нема податоци за подверзијата, така што тешко е да се определи во кој момент е вметнат ракописниот дел и од која причина“, забележа професорката.

За крај Николовска одговарајќи на прашање од присутните рече дека е интересно тоа што во маргиналиите кои се пишуваат во првите векови на османлиското владеење на територијата на денешна С. Македонија, ретко се наидува на антиосманлиска пропаганда.

„До моментот кога Цариградската патријаршија станува помоќна на овие простори, Охридската Архиепископија е исклучиво позитивно настроена кон османлиските владетели и за нив се користат термини како што претходно се користеле за христијанските владетели. На пример за султаните се користел терминот цар. Има примери во кои во првиот дел доаѓањето на Османлиите на Балканот е прикажано низ таа апокалиптична призма, истовремено во вториот дел се прави бидејќи сопругата на султан Мурат Втори (Мара Бранковиќ) обезбедува средства за да се изгради Рилскиот манастир. Па така во вториот дел се величи силата на султанот и тој се претставува подобро од неговите претходници“, посочи Николовска.

Ангела Бошкоска