Ларс фон Трир инспириран од Доналд Трамп за нов филм со сериски убиец

Данскиот режисер Ларс фон Трир, кој со своите филмови често предизвикува многу реакции, работи на нов филм кој во делови е инспириран од новиот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

Филмот кој претходно беше соопштено дека ќе биде насловен како „Куќата која ја изгради Џек“, го прикажува Мат Дилон во главната улога како „многу интелигентен“ човек, чија приказна се следи низ 12 години. Филмот „ги прикажува убиствата кои го одредиле неговиот развој во сериски убиец“.

Вон Триер, зборувајќи пред два дена, ја дообјасни инспирацијата за проектот:

„Филмот ја слави идејата дека животот е зол и бездушен, што за жал е докажано со скорешниот подем на Homo trumpus  – кралот стаорец“, изјавил тој алудирајќи на изборот на новиот американски претседател.

Минатата недела, Ларс фон Трир сподели фотографија за да го промовира филмот. На фотографијата е тој, со коса преку рамото, како повлекува ѕвоно. Сликата ја опиша како „примамлив призор со кинематографска референца“ – најверојатно на сонародникот Карл Теодор Древер и сцена од неговиот хорор филм „Вампир“ од 1932 година.

Фон Трир во голема мера се воздржуваше од коментирање за неговите филмови откако беше прогласен за „персона нон-грата“ на Филмскиот фестивал во Кан, откако направи шега со Хитлер на пресконференцијата на неговиот филм Меланхолија во 2011 година.

„Куќата која ја изгради Џек“ ќе се снима во Шведска во март, пред филмскиот сет да се префрли во Копенхаген во мај. Филмот треба да биде прикажуван во 2018 година.