Критична маса #47 во Битола: Ние не сме каскадери

Велосипедската иницијатива БитолаНаТочак на 29 март организира нова, 47-ма Критична маса. Настанот ќе започне од 18 часот кај Педагошкиот факултет.

„Многу луѓе ни пристапуваат и велат дека сакаат да возат, но дека се чувствуваат небезбедно. Во потполност се согласуваме со сите на кои небезбедноста во сообраќајот им е главната препрека за да го сменат својот начин на движење низ град и повеќе да возат точак. На тие кои возат им порачуваме само храбро!“, велат од иницијативата.

За да вози точак во Битола, велат тие, пред се’, секој треба да е свесен за личните и општествените придобивки од тоа. Да не го засега какво е времето, затоа што може да да ја прилагоди својата облека за секакво време, и секако, да е храбар, да е бестрашен како каскадер.

„Токму затоа и оваа Критична маса ја нарековме ‘Ние не сме каскадери’, затоа што од преземените мерки на терен засега во целиот изминат период гледаме дека досегашните носители на одлуки, градоначалници и др. сите нас не сметаат токму тоа – каскадери. Години наназад се инвестира исклучиво во авто инфраструктура, речиси минорно се инвестира во јавен превоз, а чиста нула се инвестира во вело инфраструктура. Се знае дека во тоа што ќе инвестираш тоа и ќе го имаш. Веќе цела декада наназад на нас граѓаните кои возиме точак ни се ветуваше изградбата на вело патеки и од претходните политички структури со минатиот градоначалник и од постоечките структури со новата градоначалничка. Сведоци сме дека досега на терен нема никакви промени“, соопштува БитолаНаТочак.

Оваа Критична Маса се вози со повик до актуелните носители на одлуки без одлагање и итно да ги преземат неопходните мерки за градење на квалитетна вело инфраструктура во која, велат тие, граѓаните на Битола ќе можат сигурно и безбедно да се движат.

„Да ја направиме Битола град каде што и децата ќе можат да се движат низ град безбедно и сигурно, а не од мали да ги учиме на седечки начин на живот. На оваа 47ма критична маса ќе возат точак сите кои се согласуваат со претходно наведеново и се залагаат за промени во Битола!“, се вели во најавата за Критичната маса.