Корејскиот „Parasite“ добитник на „Златна палма“ на фестивалот во Кан

Филмот „Parasite“, корејската црна комедија-трилер на режисерот Бонг Џун-Хо е добитник на главната награда „Златна палма“ на 72-то издание на престижниот Кански филмски фестивал.

Бонг Џун-Хо на публиката и критиката е познат по филмови како „Snowpiercer“, „Okja“, „Memories of a murder“ и „The Host“, a овој пат донесе приказна за сиромашно семејство и богато семејство, односно теми поврзани со социјален статус, аспирации, материјализам, патријархалност и луѓе кои ја прифаќаат идејата за класа на слуги.

Реномираниот режисер Алехандро Инариту, претседател на жирито, потенцираше дека годишниве филмови „поттикнуваат општествена свест“, но истовремено рече дека селекцијата на жирито не е базирана на „општествени или политички агенди“ .

„Град при“ наградата од жирито, второта најзначајно признание, отиде кај сенегалската режисерка Мати Диоп за остварувањето „Atlantique“, натприродна драма за африкански мигранти. Диоп доби внимание низ фестивалот како првата црна жена селектирана во официјалната конкуренција, а филмот доби пофалби од критиката.

Жан-Пјер и Лук Дарден се вратија на фестивалот со филмот „Young Ahmed“, a си отидоа дома со награда за најдобра режија.

Антонио Бандерас освои награда за најдобра машка улога во филмот на Педро Алмодовар, „Pain & Glori“, каде глуми и Пенелоп Круз. За најдобра женска главна улога признание доби британката Емили Бичем за филмот „Little Joe“ на австралијката Џесика Хауснер.

Бразилскиот филм „Bacurau“ и француската драма „Les Misérables“ ја поделија третата награда од жирито.

Остварувањето „Portrait of lady on fire“ на Селин Скиама беше наградено за најдобро сценарио.

Инаку, во конкуренцијa за награда беа и филмови како „Оnce upon a time… in Holywood“ на Квентин Тарантино, новата социјална драма „Sorry we missed you“ на британецот Кен Лоуч, потоа „А Hidden life“ на повратникот Теренс Малик, црно-белиот „The Lighthouse“ на Роберт Егерс, „The dead don’t die“ на Џим Џармуш, романскиот трилер „Тhe Whistlers“ на Корнелиу Порумбоиу, италијанскиот „The Traitor“ на Марко Белочио, „It must be Heaven“ на Елиа Сулеиман

Целата листа на наградени филмови од Кан може да ја видите ТУКА.