Контра кадар Битола: проекција на документарниот „Маргини“ и дискусија за емиграцијата

Контра кадар Битола вечерва организира проекција на „Маргини“, документарен филм кој го следи животот на едно битолско ромско семејство, кое опстојува на „маргините на едно општество“

Премиерата на документарецот се одржа на „Манаки“ во 2015 година.

Целта на филмот е да ги разбие стереотипите за ромскиот етникум – од тоа дека се мрзливи и ништо не работат, до нивното стигматизирање на граница кога и да се обидат да патуваат надвор од границите на државата.

Филмот е дело на битолчаните Љупчо Темелковски – режисер на филмот, Александар Ковачевски – дизајнер на звукот и Александар Гроздановски – асистент на режија.

По проекцијата, ќе се отвори и дискусија за емиграцијата, односно како што информираат организаторите, ќе се направи паралела со бегалската „криза“ (затоа што односот кон бегалците, соодветува и со односот кон ромите) и на крај, сето тоа ќе се поврзи со улогата на социјалните центри и сквотовите, коишто служат како засолништа.

Проекцијата ќе се одржи во Maлата сала од Домот на културата со почеток во 19 часот. Влезот е слободен.