Концерт на флејтистот Страшо Темков и пријателите вечерва во МОБ

Вечерва од 20 часот во фоајето на Македонската опера и балет се одржува концертот „Мојот музички пат“, по повод 30 години од музичката кариера на Страшо Темков. Влезот е бесплатен.

Страшо Темков е еден од најуспешните македонски музички уметници од својата генерација, чијашто многустрана дејност ја зацврстува традицијата на уметничката музика во земјава, промовирајќи ја интерпретацијата на дувачките инструменти толку карактеристични за ова поднебје.

Од 1991 година во Македонската филхармонија неговата флејта станува своевиден „препознатлив знак“ на оваа институција: како прв флејтист на Филхармонијата тој редовно ги изведува впечатливите сола на светската оркестарска литература. Талентот и желбата за уметничкото реализирање го водат на концертните подиуми – како солист со повеќе оркестри (Македонска Филхармонија, Француско – американскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија, Македонскиот камерен оркестар, „Аморозо“ камерен оркестар, „Лејдис“ камерен оркестар и др.), солист со многубројни рецитални програми, член на реномираниот „Македонски дувачки квинтет“ и други камерни состави. Тој е еден од малкуте македонски уметници кои настапиле во Карнеги хол во Њујорк, една од најпрестижните светски концертни сали.