Концерт и две престави „Тоби“ и „Дух“ вечерва на „Скопско лето“

Вечерва во рамки на „Скопско лето“ се најавени изведбата на куклената претстава „Тоби“ на Театарот за деца и младинци, претставата „Дух“ во МНТ, како и концерт во Музеј на Град Скопје.

„Тоби“ е направена по текст на Флоријан Зденек, а во адаптација  и режија на Драгослав Тодоровиќ од Белград. Претставата премиерно беше изведена во април, а по повод поставувањето режисерот Тодоровиќ изјави дека текстот е интересен за најмалите, но и за адолесцентите бидејќи тие се најнезадоволни кога доаѓаат во нивните „луди“ години, кога ништо не им се допаѓа на нивното тело.

На „Скопско лето“ вечер во МНТ од 21 часот ќе се игра претставата „Дух“ од Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаниќијевиќ,  која вчера од технички причини  беше одложена за денес.

Од 20 часот во Музеј на Град Скопје е концертот на виолинистот Даниел Мојсовски, ученик во ДМУБЦ „Илија Николовски-Луј“, и пијанистката Весна Ангелова-Христов, која од 2000 е професор по пијано во средното музичко училиште, а од 2007 и надворешен член на Македонската филхармонија. Ќе бидат изведени дела од Бетовен, Бах, Брамс, Виењавски, Паганини, Крајслер.