Комеморација за Мирко Попов во Македонската филхармонија

На 5 април (петок) со почеток во 11 часот на малата сцена во Македонската филхармонија ќе се одржи комеморација за Мирко Попов, еден од највлијателните скопски музичари, композитори, текстописци, диџеи, издавачи и продуценти.

Мирко Попов беше еден од луѓето што учествуваше во воздигнувањето на електронската сцена. Редовно настапуваше по кафулиња, дискотеки и фестивали, снимаше и издаваше музика и постојано ја поддржуваше независната сцена посебно младите музичари.

Автор е на книгата „20 години те сакам“, „Монографија за ПМГ колектив” и на книгата за деца „Розевата планета”, издадена за „Чудна шума“ на македонски и албански јазик. Како музички новинар пишуваше текстови во „Трн“, „Реборн“, „Урбан магазин“, „Тротоар“, „Скопско метро“ и други.

Има остварено повеќе улоги во театарски претстави и филмови. Tој e сценарист и продуцент на документарниот филм „103-Љубовно Писмо До Алтернативната Култура” и комплетен автор на музичкиот филм „До Небото Замок”.

Попов почина на 24-март. Претходно неколку дена беше хоспитализиран на скопскиот Клинички центар по мозочен удар.