Концерт на Мирко Попов по повод јубилејот од 30 години музичка кариера

„Диџеј Скопје“ е симболичното име на концертот со кој диџејот Мирко Попов слави 30 години музичка кариера. Почнувајќи од петок, 15 јули, со настанот што ќе се одржи во паркот зад Младинскиот културен центар, па до крајот на годината, Попов ќе го прослави јубилејот со неколку музички настапи како дел од целосната програма.

Со почеток во 21 часот, во петок ќе се одржи првиот настан, техно рејв под отворено небо, каде заедно со Мирко Попов ќе настапат и  Оги Баланс, Нино Флодер, Соња Исмаил, Зоки Бејбе, Мачки Полукс, Митрик Соба 313, Марко Рикалоски и Виолета Качакова.

Мирко Попов од 1992 година, активно учествува во креирањето на скопскиот ноќен живот, но и независната културна политика во земјава.  Најпрво како дел од скопското култно алтернативно радио Канал 103, а потоа и преку неговиот ПМГ Рекордингс, тој е директно одговорен за инсталирање на сосем нов приод кон современата музичка култура.

„Интензитетот на неговата работа само се зголемува низ децениите, па освен редовните настапи како диск џокеј и со своите бендови кај нас и во светот, тој со децении промовира концерти, фестивали, работи видеа, филмови, радиодрами, а се јавува и како композитор и издавач на околу 250 изданија на современа македонска музика“, се вели во соопштението.

Влезницата за настанот ќе чини 300 денари.