Концертот „Кадифе“ со солистката Шерон Кам во Македонска филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија во четврток (30 март) ќе го изведе концертот „Кадифе“ посветен на опусот на американскиот композитор Арон Копланд.

На програмата се неговата Трета симфонија и Концертот за кларинет и оркестар, а како солистка, информираат од филхармонијата, ќе настапи една од најдобри клариентиски на светската музичка сцена во моментов, Шерон Кам. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

Музиката на Арон Копланд ја одразува шареноликоста на американската култура во фузија со влијанијата од наследството културно наследство. Го нарекуваат „деканот на американските композитори“ или „татко на американската класика“.

Симфонијата бр. 3, Копланд почнал да ја пишува во 1944 година во Мексико. Неговиот стил драматично се менувал и варирал во текот на 1930-тите години – пишувал композиции инспирирани од џезот, но и од неокласицизмот и модернизмот. Работел на нарачка од диргентот Сергеј Кусевитцки на дело кое требало да биде посветено на неговата жена Наталија, и тоа влијаело на лирскиот карактер на Симфонијата. Ја завршил во 1946 година и премиерно била изведена од Бостонската филхармонија под диригентската палка на Кусевитцки, во октомври истата година. Копланд ја нарекол „голема американска симфонија – која ги допира срцата“.

Шерон Кам е една од водечките кларинетиски на светската музичка сцена која во последниве 20 години настапува како солистка со најпознатите оркестри во САД, Европа и Јапонија. Главен фокус во нејзиниот репертоар се делата на Моцарт.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, пишува критиката за холандскиот маестро. Во моментот тој е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва.

Концертот ќе започне во 20:00 часот, а билети може да се набават во билетарницата на Филхармонија или на нивниот веб-сајт.