„Кој пукаше на 21- ви?“ на Меѓународен фестивал во Романија

Претставата „Кој пукаше на 21ви?“ во продукција на Младинскиот културен центар од Скопје, ќе учествува на престојниот меѓународен театарски фестивал TESZT Euro-Regional Theatre Festival Timişoara во Темишвар, Романија.

Работена според драмскиот текст Mad Forest, на современата британска авторка Керил Черчил, „Кој пукаше на 21ви?“ раскажува за периодот пред, по и за време на романската револуција во 1989-та година.

Приказната за перидот пред и по падот на режимот на Чаушеску, прикажана преку конкретни семејни и интимни приказни на ликовите, ги испитува реакциите на збунувачките настани поврзани со таа револуција за обичните луѓе. Тоа што излегува на површина е страшната штета врз животите на луѓето направена за време на периодот на репресија, како и болните, долги тешкотии што ги донела промената.

„Кој пукаше на 21ви?“ е во режија на Нина Николиќ, а во неа играат: Кристина Леловац, Петар Арсовски, Благој Веселинов, Стефан Вујисиќ, Нина Деан, Билјана Јовановска, Мартин Јорданоски, Владимир Лазовски, Нина Максимова, Владимир Петровиќ, Кристиjан Светиев. Како дел од видео материјалите во претставата се појавуваат: Синоличка Трпкова, Васил Зафирчев, Дарја Ризова и Снежана Стамеска.

Пред гостувањето во Темишвар, македонската публика уште еднаш ќе се прикажува на 17 мај (вторник) 20:00 часот во МКЦ.

Цената на билетот е 250 денари, а билети можат да се набават од билетарницата на Младинскиот Културен Центар.