Ќе се основа Специјализирана национална математичка гимназија во Скопје

Владата, на вчерашната 40-та седница, ја разгледала информацијата за основање на Специјализирана национална математичка гимназија во Скопје и го задолжи Министерството за образование и наука (МОН) да подготви анализа и да достави предлог со активности за основање на ваква установа, информираат од владината прес-служба.

Дополнително, на предлог на МОН, Владата ја разгледала информацијата за резултатите што ги постигнале учениците од Македонија во меѓународните програми за оценување (PISA и TIMSS) и реформите што произлегуваат од постигнатите резултати, како и информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот – „Намалување на партиципацијата за 50% на студентите од самохрани и еднородителски семејства“.

На вчерашната седница била прифатена и ургенцијата по иницијативата за измена
и дополнување на закони и други подзаконски акти, доставена од Народниот правобранител на Република Македонија, со цел спречување на последиците од склучување на малолетнички бракови.