Југословенската Кинотека својата архива ја става на интернет, има снимки и од Македонија

Југословенска Кинотека одлучи материјалите од својата архива да ги постави на интернет, на својот Јутјуб каналот. Во првиот пакет од 60 снимки се наоѓаат материјали кои се занимаваат со историјата, етнологијата и културата. Сите заинтересирани ќе можат да ги видат бесплатно на официјалниот канал на Кинотеката.

„Одиме во чекор со времето, свесни дека 21-от век наметнува нови видови комуникација. Користиме модерни технологиии во духот на отвореноста на Кинотеката кон јавноста и им излегуваме во пресрет на потребите и навиките на публиката“, изјави Југослав Пантелиќ, директор на Кинотеката.

Тој е уверен дека овој потег ќе привлече публика надвор од границата на земјата, од Европа и светот која се интересира за историјата на регионот. Инсертите траат до 5 минути со текстуален опис на српски и англиски јазик, а каналот постојано ќе се дополнува.

„За изборот на материјалите ќе ни помага сегашноста, Понекогаш актуелните настани ќе бидат инспиратор за тоа кои подвижни слики од нашите фондови ќе ги поставиме на интернет“, вели Пантелиќ.

Засега од Македонија имаат објавено две снимки, едната од Охридското езеро, другата од Скопје. И двете се од 1934 година.