Изложба „МиниАРТура” на ДЛУМ

Изложбата „МиниАРТура“ ќе се отвори вечерва во 19:00 часот во галерискиот простор на НЛБ Тутунска банка.

За изложбата „МиниАРТура“ од страна на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, по осми пат ќе се додели наградата „Златна четка“, а од страна на НЛБ Тутунска банка по четврти пат ќе се додели една откупна награда насловена „НЛБ-МИНИ АРТ“.

За овој вид на изложба, чии дела имаат мал формат, на која што според веќе усвоените пропозиции делата можат да бидат со максимални димензии 10х10 см, авторскиот концепт за оформување на делото најчесто претставува посебен мисловен процес, поради ограниченоста на димензиите и минуциозноста на ликовниот израз.

Духот на минијатурата се гледа преку компактноста на композицијата и способноста на уметникот да се изрази во ограничен формат. Минијатурата не е прикажување на еден детал или исечок од една целина, таа е осмислен концепт во мал формат и представува хомогена и кохерентна целина на еден индивидуален приказ.

Авторите имаа можност без никакви ограничувања, самостојно да ги бираат медиумите во кои ќе ги изработат и прикажат своите дела, со што се нагласува автентичноста на нивната визија за „големината“ на минијатурата.