Исчезна српскиот новинар Стефан Цветковиќ, регионалната платформа бара реакција од властите

Српскиот новинар Стефан Цветковиќ синоќа е пријавен за исчезнат во Бела Црква. Автомобилот на новинарот бил пронајден паркиран со отворени врати и вклучени светла, информира полицијата.

Медиумите објавија дека моторот на автомобилот сé уште работел, а сведоците потврдија дека рачниот часовник на Цветковиќ бил пронајден заедно со скината нараквица веднаш до него. Неговите мобилни телефони се исклучени.

Иако Цветковиќ е познат по пишувањето за голем број теми, неговата истрага за атентатот на Оливер Ивановиќ, локален српски политичар во Косово, го стави под ново внимание. По неговото враќање од Косово во мај, тој беше задржан од страна на косовските власти шест часа поради контактите што ги направил додека истражувал. Цветковиќ и претходно се соочувал со закани поради неговата работа, и тоа најчесто од страна на локалните власти. Во еден случај неговиот телефон бил искршен, а во друга пригода неговиот автомобил бил оштетен откако локалните официјални лица го нарекле “легитимна цел” и “странски платеник”.

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која претставува повеќе од 8000 членови бара итна реакција на српските власти за наоѓање на исчезнатиот новинар.

„Стефан Цветковиќ има пријавено голем број на закани кои доаѓале од различни криминални и политички кругови во Србија”, рече Славиша Лекиќ, претседател на Независното здружение на новинари на Србија.

„Неговото исчезнување мора да биде приоритет на локалната полиција и Министерството за внатрешни работи. Бараме ангажирање на сите ресурси со надеж дека Цветковиќ ќе се најде неповреден”, додаде.

Регионалната платформа се приклучи на НУНС во нивните барања до надлежните органи на Република Србија, да продолжат со ефикасна истрага и да ги користат сите можни инструменти за да го најдат Стефан Цветковиќ.

Исто така потсетува дека српските власти дека мора да се воздржуваат од етикетирање на новинарите и легитимирање на насилството врз нив.

Во 2018 година во Србија се регистрирани 13 инциденти против новинари, 2 физички напади и 11 вербални закани и заплашување.