Ирците поддржаа либерализација на абортусот, покажуваат првичните резултати од референдумот

Активистите за либерализација на абортусот во Ирска се убедени во огромна победа на вчерашниот историски референдум на кој граѓаните одлучуваа „за“ или „против“ менување на досегашните стрикни законски одредби за абортус.

Две излезни анкети покажуваат голема победа, со околу 69 проценти од гласовите, за кампањата која бараше промени на уставот кој фактички забрануваше абортуси.

„Пресреќен сум, бидејќи требаше да биде тесен резултат. Мислам дека многу од нас очекуваа гласови „против“, па тоа што според анкетите имаме прилично ентузијастични гласови „за“ е прекрасно“, вели студентот Скаут Блек за Еуроњуз.

„Важно е жените самостојно да можат да одлучуваат. Зошто би требало да чекаме лекар да каже „не“ и да патиме во нашите сопствени животи“, мисли Шена Личани, студентка од Индија, која живее во Даблин.

Референдумското прашање за граѓаните на Ирска беше дали сакаат да се укине или да остане уставниот осми член, во кој е наведено дека неродените деца имаат идентични права на живот како и бремената жена.

Досега, абортусот беше дозволен единствено доколку животот на жената е во ризик, но не и во случаи на силување, инцест или фатални фетусни абнормалности.

Референдумот беше производ на дебата која се одвива со децении во Ирска и е шесто изјаснување по ова прашање.