[ИНТЕРВЈУ] Нина Насеска, авторка на „Петкамен“: Камчето е сè уште во воздух, а ние веќе сме пораснале

Младата авторка, 22 годишната Нина Насеска од Прилеп во своето детство заедно со својата баба ја играла прастарата детска игра Петкамен, која вообичаено се игра со пет камчиња кои се фрлаат во височина и се фаќаат со една рака. Од таму се инспирира да го напише расказот „Петкамен“, за подоцна така да ја наслови и својата збирка раскази поттикната од спомените во детството, растењето, но и менувањето на животните фази.

Минатата недела беше промоцијата на „Петкамен“, па во разговор со Насеска дознаваме како поминала истата, низ кој процес таа врвела додека да стигне до уметничкото дело, со кои сè предизвици се соочува еден млад автор, но и од каде потекнуваат носталгичните ноти во нејзиното творештво. Дознавме дека нејзините претходни дела „Мозаик од доживувања“ (2014) и „Авантурите на Ела Вилсон“ (2018) ја направиле она што е денес и ја вљубиле во расказот како жанр, а таа љубов ја „оживува“ „Петкамен“.

„Моето творештво започна со домашна работа по македонски јазик. Добиваш за домашна да напишеш лична творба или расказ на одредена тема и сфаќаш дека тоа те влече и дека е исклучително забавно да се твори и да се создава нов свет. Од таму произлезе желба за уште, за нешто плус. Тогашните раскази беа фантастични, соодветни за возраста. Сè беше спонтано. Не тргнав со намера дека нешто ќе пишувам и објавам, тоа само дојде откако собрав доволна количина материјал“, раскажува Насеска за своите литературни почетоци.

Со растењето се менува нејзиниот стил, темите на кои пишува и креативниот процес низ кој минува, па вели дека и самата „Петкамен“ е растење. Најстариот расказ во збирката го напишала во 2018 година и при процесот на редакција и средување на расказите со екипата од „ПНВ Публикации“ сфатила дека не е истата што била тогаш, интересите биле сосема други, како и проблемите со кои се соочувала.

„Таа Нина што тогаш пишувала, мотивите кои ги обработувала, самиот стил и интересите, сè било различно. Некои раскази се помачив за да ги спасам и за да ги направам да личат на тоа што сум јас денес, некои и отпаднаа. Во прашање се 6 години, од тинејџерство до сега, да речеме, почетен стадиум на зрелост“, вели младата авторка.

Инспирацијата ја црпи од необичното во вообичаеното. Откако нешто ќе ѝ остави впечаток, го запишува во белешка во телефонот, му дозволува да ѝ легне и дури потоа го пишува.

„Ако се работи за нешто кое се трудам да добие уметничка форма, мора некако да ми легне, да го осмислам, да ферментира идејата, за потоа да го пренесам и да биде конструирано како што треба. Но, костурот на приказната го добивам од секојдневието“, открива таа.

Копнежот по минатото е чувството кое преовладува во повеќето раскази на Нина, па во разговорот заклучивме дека тоа е она чувство со кое најпрвин треба се помириш откако влегуваш во почетниот стадиум на зрелост.

„Кога за првпат почнав да живеам на друго место на подолг период првите неколку месеци го сонував Прилеп. Сонував улици, сцени од Прилеп, се движев низ него и муабетев со прилепчани. Мислам дека сè уште соновите не ми се во Скопје. (Се смее) Толку време не можев никако да го пребродам тоа преселување. Јас уживам во Скопје, прекрасно ми е тука, ама Прилеп секогаш ќе ме влече и секогаш ќе има посебно место во моето срце. Со расказ за Прилеп и ја завршувам книгата“, раскажува писателката за емоциите зад расказите поттикнати од иселувањето од родниот крај.

Од промоцијата на книгата „Петкамен“

Меѓутоа, се чини дека преселбата на друго место е романтизирана метафора за процесот на иницијација, поминувањето од еден во друг стадиум во животот, од дете во возрасен. Но, самостојниот студентски живот многу го забрзува самиот процес на растење, а со тоа и на зрелоста.

„Носталгијата доаѓа од самиот процес на растење, анализирајќи го растењето како процес, како чин кој ни се случува на сите. Зрелоста е нов момент од мојот живот и на сите на моја возраст со која што мора да се соочиме кога-тогаш и мора да се навикнеме на товарот кој го носи. Во ‘Петкамен’, камчето кога е во воздух, јас во заднина растам“, посочува Насеска, додавајќи дека не знае каде би се движела со мотивите во иднина, но сега-засега ужива во почетниот стадиум на зрелост.

Во првиот дел од расказите во книгата таа набљудува други ликови во одреден животен момент, често занемарени, незабележливи и одминати. Приказните не се трудат да бидат психолошки и да наметнат психолошки аспекти, но сами по себе се такви.

„Во повеќето приказни сум само набљудувач, човек кој не навлегува во историјата на ликовите, во причинско-последичните настани, во тоа зошто се тие токму тука во својот живот или каде ќе продолжат понатаму. Тоа е само еден нивен аспект во одреден момент кој што мене ми оставил впечаток и сум почувствувала потреба да си добие свое место, свој расказ“, раскажува Нина.

Единствено ликот во најдолгиот расказ во книгата, „Круг“, писателката го анализира малку подлабоко и му отстапува повеќе место. Таа вели дека доста долго го осмислувала и пишувала, но откако го напишала ѝ причинил неверојатна радост.

Дополнително, истакнува дека ова се ликови кои најчесто некаде ги има сретнато, во својата околина, дома, во соседството, на пазарот во Прилеп…

„На пример, расказот за човекот што ги продава куќичките од желки е вистинска приказна, јас го видов тоа со свои очи пред пазарот во Прилеп. Секако, од таму дојде само инспирацијата, приказната е мое дело. Но, тој дел од расказот е жива вистина. Јас не би можела да замислам зошто, како и дали некој воопшто ќе се сети да продава куќички од желки“, додава авторката.

Додека пак, втората половина од расказите се за личното, субјективното.

„Петкамен сум играла со баба ми, кога беше жива. Овој расказ е апсолутна вистина и е посветен на баба ми. Таа почина кога имав 12, пролетта, а мојата прва книга излезе истата година на есен, ѝ ја посветив нејзе“, се присетува Нина.

На крајот на промоцијата требало да го прочита својот омилен расказ, па таа го одбрала „Мирис по сеќавање“, за кој вели дека е целосна вистина, а по чие читање многумина од присутните дошле по потпис расплакани.

„Тие личните се доста вистинити, за разлика од другиве кои се малку видоизменувани“, поентира Насеска.

Од промоцијата на „Петкамен“

Додека ја читате „Петкамен“ имате чувство како некој да ви црта со зборови, можете да си ја замислите поставеноста на целиот простор, ликот, времето. Таа вели дека причината за тоа е нејзината нагласена посветеност кон визуелното.

„Тргнувам од себе, јас кога читам книга сакам да ја замислам онака како што ја замислил писателот, барем најблиску што можам. Многу се нервирам кога на средина на книга ќе дознаам дека ликот е, пример, плавуша, а јас сум ја замислила бринета, или пак дека просторот е различно поставен. Затоа и сакам да доловам сè најдобро што можам за читателот да не се најде во недоразбирање на средина или на самиот крај. Сликовитото и визуелното да биде засилено, да биде најдобро што може претставено“, образложува таа.

При создавање на приказната особено внимание посветува и на спонтан, мек развој на настаните. Исто така, поаѓајќи од првичните податоци со кои си игра, или како уште го нарекува – „скелетот“ на приказната, односно определените ликови, настанот, времето и местото, го бара најдоброто решение за главниот протагонист, за самиот крај и гледа како да ги усогласи за да дојде до финален производ.

Додава и дека практикува да пишува доцна навечер, кога е мирно и спокојно, со музика и подзатемнето светло.

Нина ги охрабрува сите млади писатели кои сакаат да објават нешто свое да побараат совет од стручни лица, во ситуацијата книжевници, редактори, рецензенти и слично. Таа вели дека се појавуваат предизвици кога ќе дојде до моментот на критика и соочување со сопственото дело, односно кога ќе се погледнеш очи в очи со сите маани и недостатоци кои ги има.

„Мора да се биде отворен за корекции и многу изменување. Првата верзија не личи воопшто на крајната. Да се биде отворен за учење на нови работи, за насоки и секаков вид надоградба и развивање на себе. А потоа, мора да се биде подготвен дека самиот процес на издавање ќе трае, тој не се случува преку ноќ. Ако сакаш да добиеш добар производ, да се случи најдобрата верзија од него и сè да биде како што треба, вреди да почекаш. За убавите нешта вреди да се чека“, заклучува младата писателка.

Оние кои сакаат да се запознаат со дел од себе кој можеби во одреден момент го занемариле, може да ја најдат збирката раскази „Петкамен“ во кафе-книжарница „Буква“, во „Литература“ на улица Македонија и во Дајмонд Мол, како и во книжарница „Три“ во ГТЦ.

Ангела Петкова