[Интервју] Јанкуловски: Задоволен сум од реализираното, проблемите со рангирањето лежат и кај УКИМ и кај државата

Седум години го предводеше најголемиот македонски универзитет. Проф. д-р Никола Јанкуловски стана ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во 2016 година, во турбулентна општествено-политичка атмосфера, а неговиот мандат завршува за четири месеци, кога функцијата ќе ја преземе некој од шесте кандидати кои во моментов се во изборна кампања.

Го раководеше УКИМ низ добри, но и низ лоши времиња. Универзитетот доживуваше чести падови на меѓународните рангирања и постојано каскаше зад најголемите високообразовни институции од регионот. Не успеа да се најде на Шангајската листа, која толку долго е „идеал“ за македонското високо образование, а беше на чело на УКИМ во период кога од година во година се намалуваше буџетот кој државата го одвојуваше за наука, а со тоа и научноистражувачката работа на академскиот кадар.

Во мандатот на Јанкуловски се случија и големи промени. Се донесе новиот Закон за високо образование, кој предвидуваше голем број реформи, а образованието беше и под огромен удар од глобалната пандемија, која го принуди УКИМ од офлајн да се префрли онлајн, енергетската криза и галопирачката инфлација.

Лично, во неколку наврати беше обвинуван за неправилности, додека на последните избори за ректор тројца негови противкандидати се повлекоа од трката на еден ден пред изборите, со образложение дека постапката се одвивала во необјективна, нетранспарентна и нефер процедура. Дел од академската заедница на УКИМ овие избори ги карактеризираше како скандалозни.

Со Јанкуловски, пред новите избори за ректор, поразговаравме за тоа колку реализираше од ветеното пред професорите и студентите во неговиот мандат како ректор. Го прашавме и за резултатите кои ги постигнуваше УКИМ изминативе години, но и за тоа каде ја гледа иднината на Универзитетот.

Функцијата ректор на УКИМ ја вршевте во два мандата, од 2016 година, па до сега. Во овој период, УКИМ не успеа да се најде на Шангајската листа на најквалитетните високообразовни институции во светот, а немаше позначаен напредок ниту на другите позначајни рангирања на високообразовните институции. Напротив, на некои од нив имаше и чести назадувања. Дали сметате дека направивте доволно промени за подобрување на квалитетот на образованието на УКИМ за време на Вашиот мандат? Кои беа главните причини што Универзитетот не напредуваше позначајно на овие светски ранг-листи?

Можам да кажам дека сум навистина задоволен од достигнувањата на УКИМ во текот на целиот мој мандат, иако сум свесен дека има уште многу да се работи. Со оглед на тоа што образованието е една од најважните продуктивни сили за просперитетот на една држава, вложувањето во неговиот развој е клучен фактор за подобрување на неговиот квалитет. За да се одржи и подобри квалитетот на високото образование, потребно е државата да вложи максимални напори со цел финансиски да ги поткрепи образовните институции. УКИМ, и покрај сите ограничувачки фактори, успева самостојно да обезбедува приходи и скромно да вложува во неговиот развој, меѓутоа некогаш тоа не е доволно и заложбите за подобрување на рејтингот и квалитетот на образованието треба да бидат поголеми, како и поддржани од државата.

Проблемот со рангирањето на УКИМ е комплексен и бара вклученост на повеќе актери, не само на Универзитетот. Секако, Универзитетот ја има основната одговорност, посебно во своите залагања за постигнување извонредност во секој аспект од својата работа. Но, одговорноста ја има и државата, со оглед на исклучително ниското вложување во високото образование и науката. Сметам дека покачувањето на буџетското финансирање на науката и високото образование може да има позитивен ефект врз зголемување на продуктивноста на научноистражувачката работа на УКИМ и покачување на позициите на листите за рангирање, кои приоритетот го ставаат на овие индикатори. Од квалитетот на научноистражувачката работа зависи и квалитетот на наставата.

Во програмата со која го добивте вториот мандат ветивте повеќе нешта: привлекување на странски студенти, поголема мобилност на наставниот кадар, зголемување на минималната плата на професорите, создавање електронска библиотека од материјали за поддршка на наставата и учењето, создавање Центар за алумни, како и формирање на Етичка комисија која ќе ги детектира повредите на Етичкиот кодекс на Универзитетот и воспоставување на канцеларија и одбор за управување со квалитетот на УКИМ, составен од наставници од разни научни подрачја. Колку успеавте да реализирате од овие ветувања?

Исклучително сум горд што многу од работите за кои се стремев да ги постигнам во текот на целиот мој мандат како ректор се реализирани или се во фаза на реализација. Тука можам да ги набројам воведувањето на студиски програми на странски јазици со цел привлекување на странски студенти, како и заложбата за поголема мобилност на наставниот кадар, кој е секогаш спремен за нови предизвици и искуства.

Со задоволство ќе го спомнам потпишувањето на Колективниот договор на Синдикатот на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија, кој ќе придонесе за подигање на стандардот на универзитетските професори. Понатаму, УКИМ, како одговор на потребите на својата академска заедница, обезбедува пристап до електронски библиотеки за материјали кои овозможуваат пристап до бази на податоци за истражување, е-списанија, е-книги и сл.

На УКИМ се формираше и Етичка комисија, која има за задача детекција на сите повреди на Етичкиот кодекс од страна на академската заедница, преку Етичкиот кодекс, чија цел е почитување на основните етички начела кои важат за сите членови на академската заедница, како и зачувување на нивното достоинство и интегритет.

Воспоставување на канцеларија и одбор за управување со квалитет на УКИМ и создавање интегриран Центар за алумни се во фаза на подготовка, иако центри за алумни постојат на некои од единиците на УКИМ.

Во насока на зајакнување на интернационализацијата и меѓународната соработка преку интензивирање на комуникацијата и релациите со научноистражувачките кадри со потекло од Македонија и нивна афилијација кон Универзитетот, како и заради интензивирање на активностите за подобрување на рејтингот, препознатливоста и видливоста на Универзитетот во меѓународниот научноистражувачки простор, се основаше Центар за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ. Исто така, се основаше и интегриран Центар за кариера на Универзитетот, кој како и соодветните центри за кариера при факултетите кои се во неговиот состав, претставува своевиден мост помеѓу студентите и бизнис-заедницата, трудејќи се да им обезбеди на студентите кариерен развој адекватен на нивното образование.

Со програмата ветивте и доизградба на зградите на ФИНКИ и ФФОСЗ и промена на праксата со која МОН дава согласност за вработување научен подмладок. Но, овие ветувања и понатаму се нереализирани и предизвикуваат проблем и за студентите и за наставниот кадар. Зошто?

Во однос на доизградбата на зградите во склоп на седиштето на Универзитетот, во повеќе наврати апелиравме до Министерството за образование и наука и дававме поддршка на барањата на факултетите, со цел преземање активности за ревидирање на проектната документација, заради вршење на измени во тек на градба кои ќе одговорат на новонастанатите потреби и функционалните барања за просторот. Ја нудевме и нашата безрезервна поддршка за изнаоѓање на проектантски решенија за просторните и технолошки барања во кои беше неопходна непосредна вклученост на Универзитетот. За жал, не наидовме на разбирање и тој простор и понатаму останува неискористен. Се надевам дека во иднина надлежните ќе имаат повеќе слух за потребите на УКИМ и овој проблем ќе се реши во најкус можен рок.

Универзитетот особено вложува во создавањето на квалитетен наставен кадар, кој, секако, потекнува од изборот на нашите најдобри студенти. За квалитетна наставно-образовна и научноистражувачка дејност, секако, потребен е доволен број на професори и асистенти кои, согласно со стандардите, ќе  работат со соодветен број на студенти. Но, за жал, тоа не е секогаш случај, па имајќи ги предвид општествените прилики во нашата држава, се случува одлив на наставен кадар како резултат на пензионирање или заминување на младите во странство, на што како институција можеме многу малку да влијаеме.

Имаме многу квалитетен наставен кадар, на што сме навистина горди, но кога станува збор за неговата обнова, може да се каже дека тука немаме развојна компонента, односно главниот проблем е фактот што се пополнуваат места само при одење во пензија и тоа на многу макотрпен начин. Сметам дека развојот треба да биде имплементиран во сите сегменти на образованието и науката, вклучувајќи ја тука и обновата на наставниот кадар, но ние имаме голем недостиг од наставно-научен подмладок. За нормалната обнова на тие кадри, секако, одлучувачки фактор се платите со цел мотивација на научниот подмладок да остане да работи на некој универзитет, како и поголема поддршка од Министерството за образование и наука за обезбедување на согласности за вработување. Нашата заложба останува креирање на најдобри кадри за нашите студенти, иновирање на студиските програми, грижа за кариерниот развој на студентите, со надеж дека во иднина ќе имаме поголема помош и олеснувачки фактори за обнова на нашиот наставно-образовен кадар.

Од првиот час на Економскиот факултет за академската 2022/2023 година / Фото: УКИМ

И покрај тоа што сме 2023 година, студентите на УКИМ и понатаму голем дел од рутинските административни обврски при студирањето мораат да ги извршуваат физички, со чекање во редови на шалтерите на факултетите или пред кабинетите на професорите. До каде е процесот на дигитализација на УКИМ и кога студентите ќе можат најголем процент од овие административни работи да ги завршуваат преку интернет?

Поттикнати од состојбата со пандемијата, имплементиравме целосна дигитализација на наставата.

На почеток, тоа се одвиваше со користење на видеоконференциски алатки, а потоа хибридно, каде што повеќето вежби и работа во мали групи се одвиваше со физичко присуство на студентите. Исто така, на Универзитетот, со сопствени финансиски и експертски ресурси, се имплементираше интегрирана дигитална платформа за учење која користи Moodle, како еден од најпознатите системи за таа намена.

Овој начин на настава во голема мера се разликува од оној што го имавме пред пандемијата и беше предизвик да го задржиме квалитетот, особено за наставните предмети за кои е потребна практична настава и лабораториски вежби.

Откако студентите се вратија во просториите на Универзитетот, насочени сме кон користење на видеконференциски и други дигитални алатки, што е од особена важност при реализацијата на предавања од еминентни странски предавачи, кои, вообичаено, поради нивните професионални ангажмани, не би можеле физички да присуствуваат во нашата држава. Видеоконференциските интердисциплинарни предавања од странски професори и експерти се веќе дел од календарот на Универзитетската докторска школа за нашите студенти.

Исто така, се имплементираше и iKnow-системот и потребата за нови функционалности, капацитети на единиците (технички и човечки) за негово користење, за нови апликации и системи кои треба интегрирано да функционираат. Беше донесена Одлука за утврдување концепт за унапредување на дигитализацијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со оваа Одлука се утврдува концепт за унапредување на дигитализацијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој ги содржи интегрираните дигитални системи што произлегуваат од барањата за подобрување на наставната, научноистражувачката, уметничката, стручната и административно-техничката работа.

Државниот буџет кој се издвојува за наука од година во година се намалува, особено како процент од вкупниот Буџет на РСМ. Зошто за време на Вашиот мандат не дојде до подигање на финансиите кои се издвојуваат за наука? Каде ја лоцирате одговорноста за тоа?

Како што кажав, со оглед на тоа што многу сегменти во општеството зависат од квалитетот на наставата, се придава особена важност на овозможување на современи научни истражувања, кои го трасираат патот на наставниот кадар кон напредок и постојано усовршување, што понатаму има влијание и врз развојот на државата. Научноистражувачката дејност е во нераскинлива врска со нивото на квалитетот во високото образование.

Земајќи ги предвид овие фактори, УКИМ вложува максимални напори за субвенционирање на науката, односно обезбедување на финансии за остварување на научноистражувачката дејност. Ние ги стимулираме научниците при објавата на трудови со импакт-фактор, вложуваме во капитални инвестиции на единиците и можеме да кажеме дека иако помошта од државата во научноистражувачката сфера е ограничена, нашата научноистражувачка дејност е задоволителна.

Активно се работи на вмрежување на професори на УКИМ со научници и професори од странство, а нашиот наставен кадар е секогаш спремен да ги искористи дадените можности за усовршување и меѓународна соработка, но сметам дека за да се одржи и подобри нивото на научноистражувачката работа, потребна е многу поголема заложба на државата со буџетско финансирање во науката и високото образование.

Во текот на Вашиот мандат се донесе новиот Закон за високото образование. Со него се промени начинот на одлучување на универзитетите и факултетите, се промени постапката за избор на раководните тела на високообразовните институции, се воведе нова форма на студентско организирање, а се предвидоа и нови тела и процеси за евалуација и унапредување на високообразовниот процес. Како според Вас Законот се покажа во пракса? Дали суштински го подобри високото образование во Македонија и дали се потребни некои промени на Законот во иднина?

Универзитетот активно учествуваше во процесот на донесување на новиот Закон за високото образование преку давање на свои забелешки и сугестии, во насока на подобрување на законските решенија. Забелешките беа насочени кон донесување на квалитетен закон, лесно применлив, и со кој би се надминале постојните проблеми со кои во изминатиот период се соочуваше високото образование.

Согласно со автономијата на универзитетите, студиските програми, внатрешната организација, изборот и разрешувањето на раководителите на внатрешните организациони единици не треба да се регулираат со закон, туку само со статутот на универзитетот и статутот на единицата. Овој дел не спаѓа во јавниот интерес на државата за да биде регулиран со ЗВО, од тие причини и се залагав за промена на ваквите решенија. Законот може да ги именува само органите, да го регулира нивниот состав, а не да ги утврдува и нивните надлежности, нивниот избор и разрешување и сл., ниту да ја утврдува содржината на студиските програми. Сегашниот модел на избор на ректор не ја отсликува волјата на мнозинството на академската заедница. Во пракса, иако некој од пријавените кандидати номинално добил повеќе гласови, заради концептот на овој модел не е избран, затоа што 50 гласови на големите единици вредат помалку од 20 гласови на помалите единици.

Студиските програми се грешно дефинирани во член 140 од Законот за високото образование, кое нешто е констатирано и од надворешни експерти.

Сметам дека во постојниот Закон постои пререгулирање на материјата поврзана со внатрешната организација на универзитетите и органите на универзитетите, студиските програми, што предизвикува проблеми, пред сѐ поради спецификите на универзитетите поединечно. Овие прашања треба целосно да бидат уредени во статутите на универзитетите. Исто така, со оглед на тоа што вообичаен мандат на органите на државата е 4 години, треба да се усогласи и должината на мандатите на органите на универзитетите, бидејќи скратениот мандат се покажа како нефункционален од аспект на краткиот рок за реализација на програма за работа на ректор/директор, краткиот рок за навлегување во работењето на претседателот на Сенат, на Универзитетското студентско собрание, како и административно-технички и материјални оптоварувања за почесто спроведување на изборни постапки.

Во насока на подобрување на квалитетот и видливоста на нашите универзитети, потребно е да се предвиди број на задолжително објавени трудови во списанија со импакт-фактор за сите звања, доцент, вонреден и редовен професор.

Има ли нешто посебно за кое жалите што не сте го направиле, или можеби што сте го направиле во текот на мандатот како ректор?

Имајќи предвид дека УКИМ е еден сложен систем составен од 28 единици, од кои 23 факултети и 5 научни институти, како и придружни членки, потребите и заложбите за неговиот развој се навистина големи. Потребна е постојана посветеност за состојбите во сите области на Универзитетот, со цел да ги координирате работите, да ја водите соработката на домашен и на меѓународен план, а секако тука се и студентите, како централен и најважен сегмент на Универзитетот.

Мојата работа во текот на целиот мој мандат се засноваше врз принципот на инклузија. Се стремев за обединување на сите единици, бев во постојана соработка и комуникација со нив, донесувавме заеднички одлуки, што не е секогаш лесно, меѓутоа заедно успевавме да ги забрзаме веќе започнатите процеси, а и да креираме нови.

Да бидам искрен, нема нешто за кое особено жалам што не сум успеал да го направам или нешто за кое жалам што се случило. Во текот на целиот мој мандат постапував со најдобри намери, се вложив максимално, но свесен сум дека секогаш може подобро, без разлика на тоа колку труд ќе вложиш во својата работа.

За крај, следуваат избори за нов ректор на УКИМ. Која е Вашата препорака до идниот ректор? Кои, според Вас, треба да бидат неговите главни приоритети?

Пред сé, сакам да му/ѝ посакам среќа во работата на идниот ректор на УКИМ и предизвиците кои таа ги носи. Главните приоритети на УКИМ се преземање мерки и активности со цел зајакнување на реализацијата на уставно загарантираното право за автономијата на Универзитетот. Универзитетот ја врши високообразовната и научноистражувачката дејност врз принципот на академската автономија, која опфаќа академска слобода, автономија во управувањето и неприкосновеност на автономијата со отчетност и одговорност за своето работење. За да може Универзитетот целосно да одговори во исполнувањето на неговата мисија и визија, неопходни се многу предуслови, а посебно финансиска и кадровска автономија, а не делумна, декларативна или рестриктивна.

Потребна е постојана поддршка на самостојноста и одговорноста на деканите, директорите и наставно-научниот кадар на факултетите и институтите, бидејќи само со одговорни и посветени наставници и декани и директори ќе може и во иднина да се гради Универзитетот како моќна и влијателна институција.

Идните залагања треба да се фокусираат и кон развојот на научноистражувачката работа и интернационализацијата на Универзитетот, бидејќи тоа е трендот по кој се движат и се развиваат врвните универзитети во светот. Со создавање на услови за интегрална поврзаност и хармонична усогласеност во развојот на наставата и науката може да се обезбеди квалитетно образование, создавање научен подмладок и издигнување на врвни стручњаци неопходни за успешен развој во сите сфери на општеството.

Ангела Бошкоска / Даниел Евросимоски