„Ниту ги признаваме, ниту ќе учествуваме“ – Тројца кандидати за ректор на УКИМ се повлекоа од утрешните избори

Професорите и кандидатите за ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), Петар АтанасовДраги Диметриевски и Вујица Живковиќ, соопштија дека нема да учествуваат на изборите кои треба да се одржат утре.

Тие реагираа дека постапката за избор на нов ректор на УКИМ континуирано се спроведува во необјективна, нетранспарентна и нефер процедура.

„Нема никакви дебати, на нашите колеги им е оневозможено да одлучат врз основа на нивна информирана определба. Изминативе денови очекувавме министерот за образование и наука, Арбер Адеми, Државниот просветен инспекторат, како надлежна институција, како и останатите институции да преземат дејствија за заштита на законитоста, односно сопирање на постапката за ректор на УКИМ. За жал, до овој момент, тоа не се случи. Поради тоа, наша морална и академска должност е да преземеме чекор со кој нема да бидеме соучесници во вакви скандалозни избори и ќе ги заштитиме колегите од притисоци и можни законски и други последици. Јавно изјавуваме дека ниту ги признаваме, ниту ќе учествуваме на вакви недемократски избори за ректор на УКИМ закажани за утре“, рече професорот Атанасов.

Професорите тврдат дека изборите нема да се спроведат во фер и демократска атмосфера и побараа гласањето да се поништи и изборите да се одржат на друг датум, во целосно нова постапка. Дополнително се револтирани што целата постапка продолжила непречено и покрај тоа што претседателот и повеќе членови на Универзитетската изборна комисија поднесоа оставки.

„Доколку ние останеме во целата оваа прикаска, ние ќе му дадеме легитимитет. Ние не сакаме да дадеме легитимитет. Ние сме легалисти. Мислењето на Антикорупциската комисија за нас е облигација. Ние се заштитуваме самите, својот дигнитет и интегритет, но верувајте ги заштитуваме и нашите колеги – изборните комисии. Целата конструкција не е само по секоја цена да се биде ректор. Тоа треба да биде во едни фер, демократски и парламентарни услови“, рече професорот Живковиќ.

Пред два дена од Независниот академски синдикат НАкС соопштија дека ќе поднесат претставки против организаторите на, како што велат, противзаконските избори за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

[Видео] На час: Каде се студентите во изборот на ректор на УКИМ?