НАкС: Сенаторите на УКИМ да ја преземат одговорноста и да ја повторат постапката за избор на Ректор

Да се повтори постапката за избор на Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, но овој пат согласно законските процедури и основните начела на фер и демократска постапка, бараат од Независниот академски синдикат – НАкС.

Оттаму сметаат дека сенаторите на УКИМ, во чија надлежност е потврдување на ректорот, треба да преземат одговорност и да донесат одлука со која како што велат од НАкС, универзитетот и неговата автономија нема да бидат заложници на можни сегашни и идни непринципиелни интереси и влијанија.

На последните избори беше реизбран досегашниот ректор, професорот од Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски. За разлика од досегашните избори, за прв пат секој член на наставно-научен, научен или наставен совет имаше прилика да го довери својот глас во поддршка на определен кандидат за ректор.

Два дена по спроведеното гласање, тие добиле одговор на поднесената претставка до Државниот просветен инспекторат со кој се констатирала повреда на Уредбата за примена на Законот за високо образование, на 15-ти јуни, кога Универзитетската изборна
комисија презела изборни дејствија во време на вонредна состојба, а за истото претходно извести и Антокорупциска комисија.

„Дополнително, Народниот правобранител поведе постапка за прекршување на правата на лицата кои се ослободени од работа, односно болни од КОВИД-19, поради ускратување на нивното право на глас во постапката. Уште од самото отпочнување на постапката за избор на ректор на првите непосредни и тајни избори, согласно новиот Закон за високото образование, апелиравме да се искористи можноста која ја дава Законот и со овие избори да се трасира патот кон целосна внатрешна демократизација на УКИМ, како пример за демократизација на сите јавни универзитети во Македонија. За жал, тоа не само што не се случи, туку со вака спроведените избори УКИМ се доведе во опасност изборот на неговиот прв човек да биде дополнително проблематизиран во евентуални судски и вонсудски постапки“, се вели во реакцијата на НАкС.

Според овој синдикат, ректорскиот избор е еден од најскандалозните досега, бидејќи како што велат имало бројни изигрувања на формалните процедури, на основните академски, но и морални начела.

„Изборите за ректор се одвиваа во услови на пандемија, во време кога нашите колеги се бореа да ги продолжат редовните наставни и научни активности, додека некои од нив беа и заболени од самиот коронавирус. Бројни законски и статутарни услови при изборот на ректор беа прекршени, вклучувајќи ја и забраната за спроведување постапка за избор на ректор во време на вонредна состојба, забраната за спроведување на постапката во време на изборен период, како и конфликтот на интереси кој ректорот ги имаше како незаконски претседавач на Сенатот“, забележуваат од НАкС.

Тие реагираат и на задоцнетото отпочнување на постапката за избор на сенатори, како и на формирањето на новиот Сенат десет дена по рокот предвиден во Статутот.

„Сериозните прекршувања и изигрувања на постапката за избор на ректор се последица на грубата злоупотреба на универзитетската автономија, која за жал, некои членови на академска заедница ја сфаќаат буквално како автократија. Но, за ваквата состојба одговорност треба да се бара и во институциите кои се должни да се грижат за правилното спроведување на законите во високото образование, а тоа во прв ред се Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и Министерството за образование и наука (МОН). Одолговлекувањето на инспекцискиот надзор од страна на ДПИ, како и непостапувањето по задоцнетите реакции на Инспекторатот од страна на министерот за образование и наука Арбер Адеми, овозможија новиот ректор на најголемиот универзитет во државата да биде избран во една исклучително проблематична процедура од аспект на нејзината законитост и легитимност. Дури, бевме сведоци на јавно и отворено вмешување од страна на поранешната министерка за образование и наука, а сегашна министерка за правда, Рената Дескоска, на само еден ден пред одржувањето на гласањето, со цел поттикнување на гласачите. Прашање е дали ваквото „аминување“ на постапката од страна на претставници на власта немаше за цел да му даде легитимитет на изборниот процес, како и да ги „отстрани“ прашањата за законитоста на постапката, особено во ситуација кога две
надлежни институции – Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и ДПИ, излегоа со ставови што ја оспоруваат истата“, стои во реакцијата на Независниот академски синдикат.

Во текот на изборниот процес, неколку членови на Универзитетската изборна комисија си поднесоа оставки, а на само два дена пред изборите беа избрани нови. На ден пред одржување на изборите, тројца од седумте кандидати ги ставија своите кандидатури во мирување, со образложение дека не сакаат да дадат легитимитет на процес кој го следат низа сериозни нерегуларности.