[Интервју] Фонија: Панк, нихилизам и неконформизам

Панк рок триото Фонија од Скопје со сочинуваат Дени Крстев, Кристијан Лафазановски и Стефан Ристовски. Сите се студенти, а бендот го започнале без особени амбиции да стигнат до петти албум, кој го промовираат во петок во МКЦ, раскажува за РадиоМОФ фронтменот Крстев. Музиката е нивниот медиум за критика кон светот и себе, „нивната политика е личната политика“, а нивен заштитен знак е брзата меланхолична мелодија.

Активни сте од 2007, имате „просечна возраст“ од 23 години, а веќе имате пет албуми. На што се должи оваа динамика? Што ве движи и тера да творите?

Фонија започна доста наивно, пoмеѓу тројца другари од ист клас во I-5 во СУГС Орце Николов. Не знаевме да свириме, немавме опрема и немавме баш јасна слика што значи да се биде во бенд, ама имавме потреба и сакавме да дадеме некаков коментар за она што го гледаме и чувствуваме. И денес не’ движи тоа.

„Албумот „…без име“ содржи приказни за безнадежноста на современиот нихилизам. Во ерата на бунтовничкото помодарство, Фонија доаѓаат како афродизијак за свесноста – своја, како и на луѓето, кои се сепак создадени да живеат заедно. Музика за „нема генерација,“ стои во поканата за промоцијата. Кој е мотивот за музика која опева нихилизам и неконформизам, истовремено критикувајќи го нашето секојдневие?

Со овие зборови Саша Павловиќ – Фреш го опиша нашиот албум и мислам дека одлично ја долови неговата поента. Многу е полошо кога сами се убедуваме дека не сме заслужиле нешто, отколку кога некој друг нѐ убедува дека не вредиме. Немаме право да обвинуваме никого кога нешто ни пречи и не преземаме ништо во врска со тоа. А кога веќе сме лоцирале проблем, должност ни е да го решиме. А на секој општествен проблем можеме да му го најдеме коренот во секој од нас, засебно. Кога критикувам, се критикувам себеси пред сѐ.

По што се разликува петтиот албум од претходните четири?

Се разликува по формата, но не и по суштината. Во сите албуми пееме за истите нешта, а атмосферата зависи од времето и окружувањето во кое сме затекнати.

Созреавте ли како бенд? Сметате ли дека сте променети од „Параноја“ до денес?

Со оглед на тоа дека имавме едвај 16 години кога го снимивме „Параноја“, мислам дека ќе беше голем проблем да не се промениме (и музички и индивидуално, како луѓе). Кога ќе „нагази“ животот, секој од нас различно се справува со тоа. Тоа остава печат и на музиката.

Како ја оценувате алтернативната сцена во земјава, колку е тешко младите музичари да се пробијат?

Мислам дека поважното прашање што треба да си го поставиме е дали, колку и како сакаме да се „пробиеме“, како и во секоја друга работа. Искрено верувам дека секој што знае што сака да направи од себе во својот живот и ако навистина даде сѐ од себе да го постигне тоа – ќе го постигне. Сепак, ниеден успех не „паѓа од небо“.

Во петок ќе го промовирате албумот во Младинскиот културен центар. Што понатаму? Имате ли планови за некој поголем подвиг?

Планот ни е да го отсвириме албумот на секој што сака да го чуе. Веќе договоривме една турнеја во март, а работиме и на втора (подолга) за следната есен. Кога ќе дојде време, ќе снимиме нов албум.

Стефанија Тенекеџиева