[Интервју] Филип Ивковски, НМСМ: Животниот стандард е на прво место кај младите

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) неодамна го претстави претседателот Филип Ивковски, кој доаѓа од младинската организација „Младите можат“.

Тој е активен слушател и секогаш расположен за добар муабет. Љубител е на животни, чува риби, папагал, мачка и куче. Често се фиксира на определени музички артисти, моментално на Шарлот Кардин.

Во интервју со Радио МОФ одговара на прашања за заложбите на НМСМ, што е она што бараат младите во Македонија, какви услуги се потребни за нивното ментално здравје, а објаснува и за недостатоците во образовниот систем, за ниската примена на Законот за млади, но и за важноста на инклузијата.

По изборот за претседател, рече дека е важно младите во иднина да го знаат и сметаат НМСМ за главен партнер во застапување на нивните интереси. Кои се денеска интересите на младите, што тие бараат за квалитетен живот во Македонија? 

Националниот младински совет на Македонија активно работи на својата претставничка улога веќе десет години од своето основање. Како мрежа успеавме да ги застапуваме интересите на нашите членки, а со тоа и на младите, во многу процеси од кои во последниот период би ги издвоиле креирањето на Националната стратегија за ментално здравје кај младите, учество во процесите на креирање на Националната стратегија за млади, Законот за младинско учество и младински политики како поголеми системски механизми за унапредување на положбата и состојбата на младите во нашата држава. Се надеваме дека ваквата улога дополнително ќе ја зацврстиме и докажаме во нашето понатамошно делување.

Дури и во самото прашање може да го забележиме очигледниот одговор на кои се денешните интереси на младите, кои на прво место го издвојуваат животниот стандард. Тоа би значело соодветни мерки за образование, вработување, финансиска независност, домување, пристап до услуги важни за нивното здравје и благосостојба. НМСМ истото прашање го застапува веќе извесен период како дел од заложбите за младински стандард односно креирање пред се на законско решение кое ќе биде извесна кодификација на сите аспекти на младинскиот стандард и кое ќе понуди сеопфатен пристап во неговото уредување и операционализација. За жал, мора да истакнеме дека интересот кај институциите за таков чекор е навистина мал, затоа што за нив тоа подразбира широк меѓуресорен процес во кој треба да се изнајдат многу компромиси меѓу институциите но со зачувување на младинските потреби и интереси како перменентни заложби.

Но сепак ваквата состојба не значи откажување од нашите напори за креирање на соодветна регулатива, туку подразбира трансформирање на нашите заложби во други политики односно конкретни мерки, краткорочни и долгорочни стратегии и оперативни механизми за унапредување на младинскиот стандард, се до моментот на созревање на условите за ново сеопфатно законско решение.

Ова би го издвоил како една од позначајните заложби на НМСМ кои се во насока на одговор на потребите на младите. Моменталното делување е дисперзирано токму на сегментите од младинскиот стандард односно застапување на прашањата за ментално здравје и благосостојба, зголемена вработливост кај младите, можност за младинско претприемништво и секако прашањата за младинско учество и имплементација на Законот за младинско учество и младински политики.

НМСМ претходната недела бараше доследно да се имлементира Националната стратегија за ментално здравје на млади, која ја подготви токму НМСМ. Зошто е важна оваа стратегија? 

Националната стратегија за ментално здравје на млади претставува краткорочна стратегија (2024-2026 година) креирана од НМСМ со поддршка од Регионалниот центар за соработка (RCC), а потоа усвоена на Владата на РСМ на предлог на Министерството за труд и социјална политика. Би сакале да напоменеме дека усвојувањето на стратегијата следи по долгорочната соработка со Британската амбасада во Скопје која е значаен партнер на НМСМ во заложбите за менталното здравје кај младите.

Стратегијата се обидува да понуди сервиси и решенија за релевантните потреби на младите и се базира на сеопфатни истражувања и анализи. Што предвидува истата за младите?

  • Нови и модерни програми и сервиси со светските трендови кои треба да ни помогнат со препознавање, справување и превенција на стрес, анскиозност, депресија.
  • Обучени и специјализирани здравствени работници, училишни служби и организации кои сериозно ќе ги сфаќаат предизвици на младите, ослободени од секакави предрасуди и стереотипи.
  • Нови дигитални алатки кои ќе им помогнат на младите да добијат услуга без да мора да патуваат во соседни градови или општини.
  • Фокус на превенција на зависности и превенција на врсничко насилство.

Сакаме со стратегијата менталното здравје од табу тема да го трансформираме во услуга и сервис достапна за секоја млада личност и менување на наративот за реакција на предизвиците со менталното здравје во еден афирмативен пристап кон негување на истото, практикување на редовна ментална хигиена и холистички пристап во однос на здравјето и благосостојбата.

Првиот чекор е направен, односно ваквата стратегија е усвоена, сега нашите заложби се префрлаат на нов терен односно во застапувањата за нејзина доследна примена од страна на сите релевантни институции.

 

фото: Радио МОФ

 

Во поглед на менталното здравје, какви мерки и услуги им се потребни за младите? Можеби повеќе училишни психолози во школите, едукација на кадрите во образовните институции, но и измени во здравствениот и социјалниот сектор..?

Токму и стратегијата ги предвидува соодветните услуги и мерки обезбедени од соодветен и стручен кадар во различните системи на државата. Во сите фази на делување од превенција, едукација и третман се бара спремност на сите вклучени страни и чинители се со цел да се даде соодветна услуга на младите базирана на нивните потреби и потенцијални ризик фактори.

Едноставно одговорено, да, тоа би подразбирало и повеќе училишни психолози ослободени од прекумерно административно работење и опремени со соодветни вештини и знаења за работа, достапност на повеќе клинички психолози во рамки на здравствените установи, предвидување на нови современи форми на понуда на услуги, конципирање на пристапот на матичен психолог и многу други мерки кои ќе се операционализираат за да може грижата за менталното здравје да биде достапна до секој млад човек.

За образованието, како еден еден од најважните сегменти за младите, УНИЦЕФ на неколку пати повика да се зголемат државните вложувања во наставниците, капацитетите, инфраструктурата… Кои сметаш дека се приоритетите во обраванието? 

Состојбите во образованието, согласно сите национални и меѓународни анализи и истражувања, за жал констатираат навистина низок квалитет на образовните програми и пристапи во работење, а со тоа и низок квалитет на репредуцирани кадри.

Мора да истакнеме дека образвонието кај нас веќе со години е во постојана и неконзистентна реформа која се’ уште не испорачала никакви квалитетни резултати. Се уште имаме неопремени училишта, недоволно стручен кадар, ниски инвестиции во образвонието и науката па дури и учебници во кои се содржани невистинити и ненаучни информации.

Мојот апел до ресорните институции, на чело со Министерството за образование и наука кое за жал најмногу подлежи на промени на министерското место, да направат заложби за постигнување на консензус дека образованието е клучно за градење на квалитетни индивидуи и општествен развој. Тоа би значело определување на квалитетни сегменти на сеопфатна реформа која би била имуна на партиски влијанија и која би претставувала национална константа за заедничко добро и бил била надпартиски поставена без разлика на промената на партиите кои се на власт.

Илустративна фотографија | Ben Mullins / Unsplash

Од аспект на инклузија, има ли простор да се подобрува животот на младите со атипичен развој и од ранливите категории? Што треба да се направи? 

Инклузијата е приоритет кој се појавува во сите стратешки определби на НМСМ и  секогаш има простор за подобрување на состојбите. Преку нашите програми работевме токму на тоа со едни од нашите грантисти – Brand Solutions кои оспособуваат секаков тип на лица со атипичен развој за да може да работат како онлајн асистенти. За помалку од година дена успеавме да вработиме повеќе од 50 лица со атипичен развој. Со нашите грантисти Паблик работевме на социјално менторство кај млади лица и унапредување на младинската компонента, што директно придонесува кон финансиска независност преку продажба на списанието Лице в Лице. Со наша поддршка грантистите ИнклузивМјузик основаа музичко училиште за лица со атипичен развој. Како посебен успех подразбираше и фактот дека сите термини во училиштето се пополнети, а преку музика терапија се овозможува интеграција на младите со атипичен развој. Имаме голем број на иницијативи, но секогаш има простор за поголема поддршка и подобрување на животот на младите лица со атипичен развој. Речиси и да нема системска насока за поддршка на младите со атипичен развој, а е навистина потреба.

Секако би ја издвоиле и Младинска гаранција како мерка која ја имплементираме во парнерство со Министерството за труд и социјална политика, а во чиј фокус се и млади од ранливи категории и со која се унапредува нивната положба по однос на пазарот на трудот.

Посебен фокус во периодот ни е и заложбата за родова еднаквост како начин на надминување на општествените, социјалните и економските разлики кај младите и градење на заедници базирани на принципите на солидарност и взнаемност.

Секако нашето работење беше и ќе продолжи да е воедно од премисата да не оставиме ниту една млада личност на работивите на маргинализираност.

Што е со пазарот на трудот? Каква работа претстои на ова поле, за младите да се конкуретни на пазарот, но и да сакаат да работат во Македонија, без да мораат да фаќаат билет за еден правец во „Странција“? 

Прашањата со пазарот на трудот се во тесна корелација со заложбите по однос на квалитетот на образованието. За жал, се повеќе се чувствува дискрепанцата меѓу овие два системи, односно образованието тешко се прилагодува на динамичниот пазар на труд и се уште генерира кадри кои понатаму имаат предизвици во обезбедување на соодветни работни места.

НМСМ на ова поле има креирано и имплементира низа програми за практикантство, job shadowing, on the site job experiences, кариерно советување и други програми кои се фокусираат на практични и применливи вештини наместо на теоретска запознаеност. Се радуваме на успешноста на програма за практиканство која вроди со 70 вработени млади од вкупно 100 кои учествуваа во нашата програма. Правилниот спој на младите со пазарот на трудот и соодветниот пласман се едни од клучните детерминанти за учество на истиот, што повторно е вештина која недоволно се стекнува за време на формалното образование.

Нашите активности се насочени и кон средно стручно и СТЕМ образование кои треба да одговорат на се помалите бројки на работни позиции на пазарот на трудот од аспект на практични вештини, занаети и општи работи. Целта на тие концепции е да се надмине јазот на млади со магистратури и докторати кои не можат соодветно да се применат и капитализираат на актуелниот домашен пазар на труд.

Би истакнал дека прашањето за заминувањето на младите од нашата држава заслужува посебно внимание од страна на сите засегнати чинители во јавниот но и приватниот и цивилниот сектор. Воедно треба да сфатиме дека надминувањето на истиот проблем подразбира системски решенија затоа што младите не си заминуваат само заради работа и плати туку и заради целата општествено-политичка култура во државата и ставот дека државата не успева да одговори на нивните потреби.

фото: Радио МОФ

НМСМ на повеќе пати упатуваше критики дека институциите не го есапат Законот за младинско учество (Законот за млади) во однос на Националното советодавно тело, локалните совети, канцелариите, центрите за млади… Како да се пробудат институциите, за да ја сфатат сериозно работата, а младите да ги добијат потребните услуги што произлегуваат од Законот?

Законот за младинско учество и младински политики од неговото креирање, донесување и имплементирање е во фокусот на НМСМ. Се следи неговата имплементација и се генерираат годишни извештаи по однос на прашањето кои со сигурност не упатуваат до тоа дека недостасува политичка волја за негова доследна имплементација.

За оние млади кои не се доволно запознаени со неговата содржина би истакнал дека законот предвидува механизми како вашиот глас да биде слушнат пред се во вашата заедница во која живеете, понатаму нуди различни сервиси каде што може да бидете активни и да дадете придонес кон развој на заедницата, а со тоа и личен развој и на крајот предвидува механизми за активно учество на национално ниво и креирање на квалитетни национални и локални младински политики.

Но, ако не сте слушнале за истиот, вината не ја барајте во себе затоа што нивото на негова примена е навистина ниско. Што значи неговата примена досега? Усвојување на Национална стратегија за млади со неколку годишно задоцнување, назначување на службеници за млади за кои не постои соодветен опис делокруг на работа но и волја за извршување на позицијата, со чесен исклучок на поединци кои се позитивен пример, отворање на само 7 младински центри  (согласно податоците од мониторинг извештајот за 2022 година) од предвидените 80, и иста бројка на локални стратегии за млади од предвидените осумдесет.  Воедно се забележува дека и непостои соодветен начин за мерење на буџетските средства кои се одвојуваат за млади, а воедно и за имплементација на законот што укажува на недостаток во можностите за негов целосен мониторинг.

Како мрежа се залагаме за доследна примена на законот и укажување на иституциите за истото. Во изминатата година се отвори и процес на негова ревизија, измени и дополнувања кои за жал застана поради невоедначеност на организациите во младинскиот сектор, што треба да си го признаеме како наш недостаток и да истакнеме дека прашањата поврзани со младите и интересите на младите треба да бидат ослободени од секакви други цели на организациите и чадор организациите за млади.

Веруваме дека со формирањето на Националното собрание на млади и Националното советодавно тело на млади, чие формирање е на одговорност токму на младинските организации, ќе може да се изврши дополнителен притисок врз инстутициите за имплементација доследна имплементација на законот. Мојот личен апел до сите чинители, пред се во младинскиот сектор би бил дека интересите на младите треба да бидат поставени на прво место во делувањето и заложбите.

фото: Радио МОФ

Вечното прашање во невладиниот сектор, а со тоа и во младинските организации, е како да бидат самоодржливи. Притоа, да излезат од маѓепсаниот круг на донатори и проекти, кога организациите во страв да не стават клуч на врата се шалтаат од една до друга тема – од демократија, женски права, преку екологија до медиумска писменост – но притоа се чини дека го губат активистичкиот дух и контактот со локалните заедници. Гледаш ли потреба да се делува и во ова поле?

Прашањето за финансисирање на граѓанскиот сектор и неговата самоодржливост не е возможно да се издвои од донаторите и поддржувачите, барем во овој момент. Важно е да се напомене дека барем во младинскиот сектор НМСМ забележува некоординираност на донаторите односно несоодветна алокација на средства што значи и финансирање на исти проекти, програми или услуги. Нашата заложба во комуникација со други релеватни чинители е да се формира тело кое би можело да ги надмине ваквите недостатоци со цел соодветна употреба на средствата од донаторите.

По однос на самоодржливоста мислам дека е возможно комбинирање на пристапите од претприемништвото во насока на вршење на активности во граѓанскиот сектор. Тоа би подразбирало нудење на услуги, со фокус на социјални услуги, нешто што граѓанските организации/а особено младинските веќе го работат (на пример социјална услуга информирање). Со регистрирање во регистарот на даватели на социјални услуги кој го води МТСП би се овозможила некоја стабилност за програмските активности кои организациите си ги работат според годишните планови, бидејќи Министерството ги поддржува сертифицираните даватели на социјални услуги. Дополнителна можност е и концептот на јавно-цивилно парнерство за остварување на целите на институциите, односно партнерство во спроведување на одредени активности и проекти. Онаму каде институциите немаат експертиза, наместо најмување на консултанти или дополнителни вработувања може да се работи со младинските организации. Дополнителна можност е и менаџирањето на младинските центри, каде со финансиска поддршка на општинaта секоја младинска организација може да си ја исполнува својата визија и мисија преку програмата за работа на младинскиот центар.

Мислам дека останува на нас да бидеме доволно креативни и иновативни со цел да дојдеме до извесна финансиска незавиност и самоодржливост.

Бојан Шашевски