[Интервју] ДУП-овите не се само подлога за градежни дозволи, туку визија за населбата

Кога ќе се спомене мораториум на Детални урбанистички планови (ДУП-ови), можеби за некој звучи страшно. Загрозувачки за развојот на општината. Напротив, ова е шанса да се направи евалуација и да се преиспитаат погрешните чекори. Сите проблеми кои се јавуваат во Центар се грешки во планирањето. Инфраструктура, паркирање, зеленило, загадување… Граѓаните се повеќе стануваат свесни дека ДУП-овите не се само подлога за издавање градежни дозволи, туку и визија како ќе живеат во населбата“.

Ова е став на граѓанската иницијатива „Здравје пред профитот во Центар“, која, практично, произлегува од „Во одбрана на Дебар Маало“. Групата се шири на ниво на цела општина Центар. Будно следат одлуки на Советот, урбанистички планови, аномалии во јавен простор. Поттикнуват сите центарци да станат активни учесници, а не неми набљудувачи на случувањата во соседството, маалото, бидејќи тука почнува дејствувањето на заедницата и прогресивните проекти.

„Здравје пред профитот во Центар“ веќе ја има Јана Белчева на претседателското место во општинскиот Совет каде деновиве беше донесена одлука за запирање на 30 ДУП-ови. Мораториумот повлече различни реакции. Од една страна, дел од јавноста, градежници и советници го окарактиризираа како незаконски. Друг дел, го сметаат за почеток на нова приказна во урбанистичкото планирање. Двигател за поквалитетен живот.

Токму тоа беше поводот Радио МОФ да разговара со Искра Михајловска и Мила Димитровска од иницијативата. И двете се архитектки. Можеби струката влегува во конфликт со секојдневието, велат тие, но во еден момент, разумот мора да провладее. Еднаш „мора да се биде спремен да се почне отпочеток, како што треба“.

„Сите што се бунат дека мораториумот е незаконски, дали се бунеа дека е незаконски да има повеќе од 37 деца по одделение? Дали некој се буни кога утре ќе нема место во училиште? Прашува ли некој зошто нема вода на погорните катови? Слаб притисок? Зошто се преливаат шахти на дожд? Се буни ли некој кога децата им одат накај училиште, a се изложени на ризик? Видовме има жртви, баш пред ‘Коле Неделковски’. Што е со паркираните коли по тротоар? Законот, пред се’, треба да ги штити послабите. Да обезбеди сигурност на пешаци, деца, велосипедисти… Никој не се буни дека е незаконски, но станува незаконски кога е загрозено градежништвото. Тогаш смета. ‘Најстрашно’ е кога треба да се вади градежна дозвола. Конечно имаме политичка волја да се поправат овие работи“, смета Михајловска.

Еден обичен ден во центарот на Скопје

Ја споменува конференцијата во Брисел. Таму 74 градови од Европа активно се вклучуваат во политиките на локалната самоуправа. Тоа е еден тренд, вели таа, кога граѓаните си дозволуваат малку да бидат во корист на профитот.

„Да, сите ние работиме за пари, но и за здрав и добар живот. Градовите се развиваат. Градовите се и за луѓето, не само за колите. Сметаме дека во Скопје, промената треба да почне од Центар. Не викаме дека не треба да се гради. Апсолутно градот треба да се развива! Меѓутоа, кога се збори за развој, обично се збори за катноста“, вели Михајловска.

Ги повикуваат сите градежници што викаат дека мораториумот е незаконски, кога градат, да ги почитуваат основните регулативи. И да не им смета да обезбедат вистинско паркирање во рамки на парцела, а не лажно.

„Со лифтови кои не ги прават, со рампи од 30%, по кои никој не може да се симне. Кога им смета дека нешто е незаконско, нека им смета сопствената незаконска работа. Бидејќи ваквото однесување кон градежништвото, доведе до оваа ситуација, да има мораториум“, смета претставничката од „Здравје пред профит во Центар“.

За мораториумцките работи 

Нејзината колешка Димитровска, смета дека сите проблеми кои се јавуваат во Центар се грешки во планирањето. Тие не се поправаат. Во урбанизмот, тоа трае 50-100 години, нагласува, а децении после нас ќе трпат лоши последици.

„Важно е да се направи темелна проценка, анализа како да се испланира центарот. Не како досега! Тoj е организам, сите делови се сврзани. Ако една работа не е базирана на здрава основа, претрпуваат останатите сегменти. Проблемот со паркирањето, кое го водиме како дел од иницијативата, тоа е последица на лошото планирање на капацитетот на зградите. Во ДУП-овите, мораториумот овозможи да се отворат прашања за делови од Центар кои се комплетно избришани од мапата на центарци – Маџир Маало, Ново Маало и Крњево. Не се испочитувани дури ниту основните стандарди за градење. Не може понатаму да има други аргументи. Нормативите се базираат на наука, а не на желбите на градежниците“, нагласува Димитровска.

Граѓанската иницијативата „Здравје пред профит во Центар“; Искра Михаjловска и Мила Димитровска се трета и четврта од лево кон десно

Дава пример, за да биде „опипливо“. Два часа минимално осветлување на станбени единици – не е испочитувано. Паркинг место, по едно возило на стан – не е испочитувано. Така, нагласува, автоматски ќе се јави многу поголем проблем.

„Висината на градење, значи коефициентот на искористеност и процентот на градба во рамки на парцела, исто така не е испочитуван. Со новиот Закон за урбано зеленило, тој треба да се намали од 70% до некои 60%, бидејќи гледаме дека Скопје е најзагаден град во Европа“, забележува Димитровска.

Таргет е „дивиот урбанизам“

Според неа, ако сакаме тоа да го решиме, на што се базираа многу од предизборните ветувања, нема друг начин освен да се таргетира т.н. „див урбанизам“. Го нарекуваат така бидејќи, иако ДУП-овите се „донесени“, тие се носени зад затворени врати, нетранспарентно. Без голема видливост на граѓаните и организациите.

„Начинот на презентирање на ДУП-овите мора да е појасен. Со дводимензионални, паушални, еднодневни и еднаш во четири години презентации, тоа не е инклузија! Сакаме да видиме промени. Работите да станат повидливи. Ако се споредиме со европските градови, Скопје е на дното, по сите параметри на урбано живеење. Квалитетот е најнизок! Најпластично… Кога одиме во Европа, што ни’ се допаѓа во тие градови? Дијаметралната спротивност од Скопје. Тука немаме елементарен јавен простор за движење, нема слободни површини“, вели Димитровска.

Коруптивна спрега

Според Михајловска, во голема доза е виновна и државата, и тоа мора да се промени. Урбанистите одат со негативна аукција на тендери за изработка на плановите. Работат за едно евро квадрат, што, нагласува таа, веројатно не ги покрива трошоците да се пријават како фирма-учесник на тендери.

„Кога државата стимулира негативна аукција, наместо со години, они нешто работат за три-пет месеци, бидејќи финансиски не можат да издржат. Така се појавува основа за корупција. На големите градежни фирми не им е гајле дали, каде и како ќе го запишете вашето дете, каде ќе паркирате… Едноставно, се гледа профитот и тука завршува се’. Така што, добиваме урбанизам ‘по нарачка’. Тоа е нешто што системски треба да се поправи“, смета Михајловска.

Oпштината да не биде зависник од комуналии

Кога се збори за градење, многумина велат дека „тоа така му одговара на инвеститорот“. Од друга страна се појавуваат и аргументи од типот „тоа одговара и на станарите на парцелата“. И тие си „користат“. Меѓутоа, архитектките сметаат дека тоа не смее да се гледа на тој начин, како таков интерес. Сите одлуки да се базираат врз основа на сеопфатна студија на развој.

Некој вика ‘ми треба станот да го продадам’. После неговите деца се селат во странство, затоа што немаат безбедност, услови за образование. Ќе се иселат во Германија, бидејќи не гледаат дека во својот микросвет допринеле за лошите услови во животот. Затоа урбанизмот е комплексна наука, затоа тие планови не се прават за шест месеци. Наместо да ни’ кажуваат ‘кој ни се смеел’, еден ден да ни’ завидуваат.  Со добра живеачка, општината ќе може да го зголеми данокот на имот. Сите нормални градови во светот се финансираат од данок на имот. Не се зависни од комуналии, кои ги плаќаат градежниците“, вели таа.

Нејзината колешка смета дека тука е коренот на проблемот. Општините често велат дека комуналиите се нужни. Дека така се финансираат, така функцинираат – од градење.

„Тоа можеби било потребно пред 20 години за да се крене густината за урбаното живеење. Тоа е направено до максималистички вредности, што е нехумано во моментов и, што е најстрашно, нема назад“, нагласува Димитровска.

Фингиран бројот на жители за да се зголемува катноста

Според Михајловска, во делови од Центар е фингиран бројот на жители. На пример, не се бројат жителите на периферните згради, не се прави попис, но по бројот на деца и училишта се гледа реалната густина на живеење.

„Тука и планирањето е ставено под знак прашање кога имате лажни бројки. Планот за Дебар Маало беше безобразно криминален. Беа лажени бројките, со некакви стари податоци. Во Дебар Маало, да речеме, живеат 11.000 жители. Препораката на ГУП-от беше дека не смеат повеќе од 10.500, а беше пишувано 9.500, за да можат да ја зголемат катноста. Така почнавме да ги читаме ДУП-овите. Неусогласени беа и текстуалниот со графичкиот дел. Викаат ‘грешка било’. Не може да има ‘грешка’, ќе го правиш додека не го поправиш! Затоа, сакаме да ги активираме граѓаните да видат каде ќе живеат“, напоменува таа.

Попис и стратегија за зеленило 

Во новиот Закон за урбано зеленило стои дека секоја општина има обврска за изработка на зелен катастар – попис по број, вид и состојба. Внесен е стандардот од 25 квадратни метри зелена површина по жител, за сите идни ГУП-ови. To би овозможило здраво и хумано живеење. Тоа била и проекцијата за Скопје во ГУП-от од 2002-та, но никогаш не дошла ни близу. Според официјални податоци од ГУП 2012-2022, Скопје во 2011 имало 12,17 квадрати зеленило по жител според пописот од 2002. Односно 9,18 квадрати сметано на 550.000 жители, но во рамките на новиот плански опфат. Како проекција за 2022 е предвидено 18,5, или околу 17 квадрати според реалниот број жители.

Согласно новиот закон, Министерството за животна средина, општините и градските власти се должни да предвидат средства во буџетите за да стигнеме до овие бројки.

„Не само што не се прави напор да се достигнат тие 25 (низ Европа се и 40), туку и се намалува. Таков е трендот од 98-ма натаму. Но, треба да има попис на зеленилото. Некаква стратегија за зелена инфраструктира. Додека кај нас се сечеа дрвореди и прошируваа булевари, со години во европските градови е утврдена важноста на зеленилото. Во приватна парцела е недозволено да исечеш дрво без дозвола и без некаква замена. Реалноста е дека кај нас не се почитуваат стандардите и нормативите за планирање. Треба да го смениме тоа“, констатира Димитровска.

Бојан Шашевски