Инспектори на СЗО стигнаа во Вухан за да го испитаат потеклото на Ковид-19

Светски тим научници денеска пристигна во кинескиот град Вухан, каде новиот коронавирус прв пат беше регистриран, за да спроведе темелна истрага за потеклото на вирусот.

10-члениот тим е испратен од Светската здравствена организација (СЗО) и бил одобрен од кинеската влада по неколку месечни дипломатски препирања што предизвика невообичаени јавни поплаки од првиот човек на СЗО, пренесе Еуроњуз.

Научниците се сомневаат дека вирусот, кој од крајот на 2019 доведе до смрт на 1,9 милиони луѓе низ светот, се пренесол од лилјаци на луѓето најверојатно на југозападот на Кина. Владејачката Комунистичка партија во земјата, која е соочена со критики дека овозможила да се прошири заразата, пак тврди дека вирусот дошол од друга земја, најверојатно преку увезена храна, но експертите тоа го отфрлаат како можност.

Во експертскиот тим на СЗО се вклучени научници од САД, Австралија, Германија, Јапонија, Британија, Русија, Холандија, Катар и Виетнам. Тие треба да поминат двонеделна изолација како и да добијат негативни тестови на Ковид-19 пред да започнат со нивната истрага. Во меѓувреме тие ќе започнат да работат заедно со кинеските експерти преку видео-конференциски врски.

Според портпаролот на кинеската влада, тие ќе разменат информации со странскиот експертски тим, иако не соопштиле дали на странските научници ќе им биде дозволено да собираат докази.

Сепак тешко е да се очекува дека една посета на научниците може да го потврди дефинитивното потекло на вирусот, бидејќи типично за да се пронајде како вирусот направил „скок“ помеѓу различни видови е потребно години на проучување преку земање животински примероци, спроведување генетски анализи и епидемиолошки студии.

„Владата треба да биде многу транспарентна и да соработува“, објаснува Шин Ру Ши, директорот на Центарот за истражување вирусни инфекции од Тајванскиот универзитет Чанг Гунг.

Кинеската влада се обиде да предизвика конфузија околу потеклото на вирусот, објавувајќи различни теории без доволно докази. Некои од нив се дека вирусот потекнал од увезена морска храна.

Истрага на Асошиејтед Прес утврди дека кинеските власти вовеле контроли на истражувањата на заразата, а вовела и забрана на научниците да зборуваат со новинари.

Сепак најверојатен фокус на истрагата на странскиот експертски тим се очекува да биде Институтот за вирологија во Вухан, каде епидемијата првично започна. Оваа водечка лабораторија за проучување вируси веќе има архиви на генетски информации за коронавируси кои потекнуваат од лилјаци по епидемијата со САРС во 2003 година.

Научна проверка на информациите на Институтот во Вухан се рутинска активност, објаснува Марк Вулхаус, епидемиолог од Универзитетот во Единбург. Според него, сè зависи од волјата на кинеските власти да споделуваат информации.

„Довербата е главен елемент во случајов. Точното потекло на коронавирусот можеби никогаш нема да може да се пронајде поради тоа што вирусот се менува многу брзо. Она на што научниците треба да се фокусираат е да создадат целосна слика за вирусот за да се подобри одговорот на идни зарази“, вели Вулхаус.

Според агендата на посетата на тимот на СЗО, научниците не планираат да утврдуваат дали вирусот случајно бил испуштен од лабораторијата во Вухан, како што претходно тврдеја некои американски политичари, меѓу кои и претседателот Доналд Трамп.