И Тајланд сака да го пресели главниот град поради загадување и метеж

Тајланд може да бие следна држава од Југоисточна Азија која ќе го дислоцира главниот град, откако премиерот Прајут Чан-о-ча сугерираше дека ваквиот чекор може да се случи за време на неговата влада.

Претходно вакви иницијативи најавија Мјанмар, а сличен план имаат и во Индонезија. Премиерот на Тајланд смета дека промената на местото на главниот град Бангкок може да помогне во урбаните предизвици како пренаселеност, загадување, подигањето на нивото на морињата, како и сообраќајниот метеж, со кои се соочуваат главните градови на овие држави.

„Прво треба да се најде град кој не е ниту премногу далеку ниту премногу скапо за преселување. Второ треба да се напушти Бангкок за да се намали гужвата“, изјавил премиерот во обраќање на Светската конференција „Поврзување на Тајланд“.

Премиерот додал и дека за да се пресели главниот град потребни ќе бидат сеопфатни студии и истражувања во општествените и економските влијанија на таквиот чекор.

Овој предлог доаѓа само неколку недели откако претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, објави дека административниот главен град ќе биде преселен од пренатрупаната Џакарта во Источен Калимантан, или пак Индонезискиот Борнео.

Идејата за промена на главниот град на Тајланд била покренувана и претходно. Поранешниот премиер Таксин Шинаватра имаше намера административниот главен град да се префрли во Након Најок, провинција на 100 километри од Бангкок.

Како и во случајот со Џакарта и преселбата на главниот град на Тајланд предизвикал измешани коментари и сомнежи за тоа дали планот може да се исполни.

Според студија од 2018 година за најлошиот сообраќај во светот, Бангкок е позициониран на осмото најлошо место, веднаш зад Џакарта, според метежот на патиштата. Најлош град според сообраќајните гужви е Мумбај во Индија.