Humans of New York започнува свој серијал со интервјуа на Фејсбук

Фото-блогот Humans of New York (Луѓето на Њујорк), кој ужива глобална популарност и служеше како инспирација за фотографско документирање на луѓето во многу градови низ светот, наскоро ќе стане и документаристички серијал од 12 епизоди.

Humans of New York: The Series беше најавен вчера, на официјалната Фејсбук страница на блогот на фотографот Брендон Стентон. Премиерата на шоуто ќе се објави на новата видео платформа Facebook Watch.

„Одамна сфатив дека видеото ќе додаде подлабок слој на Humans of New York. Во срцето на сите овие објави се самите разговори. Често сум длабоко трогнат од луѓето кои ги среќавам. Или ме засмеваат. Или ме тераат да размислувам. И секогаш давам сè од себе одново да го создадам искуството преку фотографии и зборови. Но, секогаш знаев дека видеото ќе го обезбеди она што е најблизу до чувството да се биде тука“.

„Затоа, во последните четири години, снимив 1200 интервјуа на улиците на Њујорк, со помошта на екстремно талентираниот кинематографер Мајкл Кромет. Наместо да ги објавувам овие видеа едно по едно, ги чував за еден ден да ги спојам во нешто посебно. Мојата цел не беше да направам телевизиско шоу основано на Humans of New York. Сакам тоа телевизиско шоу да БИДЕ Humans of New York. Мислам дека сум близу до замислата, и се надевам дека ќе ви се допаѓа“, напиша Стентон на Фејсбук страницата.

Инаку, најпознатиот фото-блог веќе има повеќе од 18 милиони лајкови, па затоа Фејсбук е логичен избор за прикажување на серијалот.

Серијалот со документарни видеа започнува на Facebook Watch наредната недела.