Хаваи забранува средства за сончање што се штетни за коралите

Хаваи стана првата американска држава која носи закон со кој се забранува продажба на сите средства за заштита од сонце кои имаат хемикалии за кои е познато дека им штетат на коралните гребени, објави ББЦ.

Предлог-законот забранува продажба на средства за заштита од сончање што ги содржат хемикалиите оксибензон и октиноксат, за кои дел од научниците велат дека се штетни за коралите. Овие хемикалии се користат во повеќе од 3.500 најпопуларни производи за сончање.

Предлог-законот, кој ќе стапи на сила во 2021 година, сега го чека потписот на гувернерот Дејвид Иге.

Сенаторот Мајк Габард го претстави нацрт-законот со кој предлага да се стави крај на продажбата на сите средства за заштита од сонце, кои се земаат без рецепт и кои содржат оксибензон и октиноксат, во целата држава.

„Хаваите дефинитивно ќе ги забрани овие опасни хемикалии во средствата за сончање“, изјави Габард.

Во предлог-законот се наведува дека хемикалиите ги убиваат коралите, го зголемуваат избледувањето на коралите и предизвикуваат „генетско оштетување на коралите и другите морски организми“.

Крег Даунс, еден од коавторите на главната студија за негативните ефекти на оксибензонот и октиноксатот врз гребените, за „Вашингтон Пост“ во 2015 година изјави дека „секој мал напор за намалување на загадувањето на оксибензонот може да значи дека коралниот гребен ќе го преживее долгото, жешко лето, или дека деградираната област се обновува“.

Научниот весник „Нејчр“ забележува дека други истражувачи на коралите пак не се сигурни дека забраната на дел од средствата за заштита од сонце ќе има големо влијание.

„Забраната нема да ги реши другите проблеми: на пример, температурните аномалии, прекумерниот риболов, коралните предатори и големиот број крајбрежни одрони што ги загадуваат и уништуваат гребените“, рече Јорг Виденман, шеф на Лабораторијата за корални гребени на Универзитетот Саутемптон во Велика Британија.

„Но, ако имате места со многу туристи, не е неразумно да се биде внимателен и да се каже:’ Да, може да има дополнителни ефекти’“.

Водата на Хаваи секоја година привлекува повеќе од осум милиони туристи, а бројката на посетители се зголемува.

Студијата на Даунс, објавена во списанието „Архива за загадување на животната средина и токсикологија“, откри дека околу 12.000 тони креми за сончање минуваат врз коралните гребени.

Најголем дел од властите на Хаваи, заедно со голем број еколошки непрофитни организации го поддржуваат предлогот. Само четири републикански претставници се спротивставија на законот, како и неколку локални здруженија и компании.

„Стар Адвајзер“, објави дека компанијата Баер, која ги произведува средставата за сончање од брендот „Копертон“, посочува дека во САД не се достапни слични состојки со иста ефикасност како оксибензонот.  Медицинската асоцијација на Хаваи соопшти дека не се согласува со законот поради недостаток на валидни докази што сугерираат дека средставата за сончање штетат на коралите, додека многу докази покажуваат дека средставата штитат од рак на кожата.

Гувернерот не најави дали ќе го потпише законот.