Група жени од Гренланд бараат отштета од Данска поради кампањата за контрола на раѓањето

Група жени од Гренланд бараат компензација од Данска за нивното неволно учество во кампањата за контрола на раѓањето започната во 1960-тите, пренесува Ал Џазира Балканс.

Откако беше објавено дека Данска и Гренланд, поранешна данска колонија и сега самоуправна автономна територија под суверенитет на таа земја, отвориле официјална истрага што треба да заврши до мај 2025 година, групата побара веднаш да се плати компензација бидејќи некои од жените сега се веќе во 70-тите и 80-тите години.

Скандалот излезе на виделина кога данскиот радиодифузер ДР минатата година објави дека архивите откриле дека меѓу 1966 и 1970 година, 4.500 интраутерини апарати за спречување на бременост биле вградени кај 13-годишни девојчиња без нивно знаење и согласност.

Владите на Данска и Гренланд ангажираа тимови на истражувачи задолжени да го откријат обемот на оваа пракса и процесот на носење одлуки што доведе до контроверзната кампања за контрола на раѓањето од 1960 до 1991 година, кога Гренланд доби автономно управување над својот здравствен систем.

Секоја од жените бара 300.000 дански круни (околу 2.5 милиони денари) отштета, рече адвокатот Мадс Праминг.