Град Скопје донира 6 милиони денари за земјотресот во Турција и Сирија

„Советот на град Скопје, денес донесе одлука за доделување на парична помош за погодените подрачја од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија во висина од 6 милиони денари“, соопштуваат од Град Скопје.

Оттаму посочуваат дека средствата ќе се уплатат преку сметката за хуманитарна помош на Црвен Крст на Македонија, а истите се обезбедуваат од ставката за непредвидени расходи на градскиот буџет.

„Во текот на вчерашниот ден, градот Скопје испрати и интервентна екипа на Противпожарната единица на град Скопје за помош при спасувачката мисија во Газиантеп, а во меѓувреме сме во постојан контакт со локалните власти и стоиме на располагање за сите барања кои може да произлезат во рамки на спасувачката акција.  Градот Скопје е град на солидарност!“, стои во соопштението на Град Скопје.

Инаку, откако земјотресот со јачина од 7,8 степени ги погоди Турција и Сирија и однесе 11.000 жители, Владата претходно одлучи да се пратат парична и хуманитарна помош, припадници на армијата за заштита и спасување, како и лекари и медицинска помош.