Глобален филмски фестивал за миграција во Кинотека

Како дел од Глобалниот филмски фестивал за миграција, Меѓународната организација за миграција – Скопје организира филмска проекција и панел дискусија по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мигрантите.

Глобалниот филмски фестивал за миграција годинава се одвиваше од 5 до 18 декември, каде беа прикажани повеќе од 30 филмови за миграција во повеќе од 100 земји. Но, во Македонија манифестацијата ќе се одржи вечерва во Кинотека.

Ќе се прикажува документарниот филм „Бран. Спасување во Егејското море“ од 2016 година.

Филмот ја раскажува приказната за големиот подвиг постигнат од група шпански волонтери-спасувачи кои се преселија на грчкиот остров Лезбос, за време на актуелната бегалска криза. Нивната целосна посветеност, алтруизам и професионалност ги направи омилени херои на островот, па дури и надалеку. Тие се на мисија: со многу малку средства, тие го предизвикуваат морето за да ги спасат животите на едни други херои, оние илјадници економски мигранти и бегалци кои секојдневно го преминуваат Егејското Море од Турција во Грција со несигурни гумени чамци. Тоа е опасно и тажно патување, но тие конечно ќе зачекорат на Европското тло.