[Галерија+Видео] Прва вечер од окупацијата на УКИМ – студентите креативни и одлучни

Со читање книга, цртање, и по некоја песна додека во позадина се слушаат звуците од акустичните гитари што некои ги понеле со себе, студентите ја минуваат првата вечер во Автономната зона што ја создадоа денеска, со окупацијата на Филозофски/Филолошки факултет.

Бројот на студенти кои се решиле да преноќат во факултетската зграда вечерва се зголемува. Можат да се видат веќе поставените шатори во кои студентите се решени да спијат, како што велат, се додека нивните барања не бидат исполнети.

Окупацијата засега минува без поголеми проблеми. Студентите ја одржуваат хигиената на високо ниво, додека на штандот постојано пристигнуваат донации од граѓани кои доаѓаат и се солидаризираат со студентите носејќи вреќи за спиење, храна, вода, сокови. Од Пленумот се заблагодарија за големата поддршка и донациите и порачаа „Вие не плените со Вашата солидарност, ние Ве плениме со нашата борба!Заедно сме посилни!“

Во аулата исто така, вечерва можеа да се забележат неколкумина професори. Дел од нив и самите најавија дека одлучиле, заедно со студентите да преноќат во зградата на факултетот.

Ова е прва студентска окупација во земјава, која утре треба да се прошири и на  Техничките факултети. Најава за проширување на студентските активности вечерва стигна и од  битолските студенти кои најавија окупација на факултет во нивниот град.

Емилија Петреска