Студенти: Ќе спиеме на факултет додека не ни се исполнат барањата!

Студентскиот пленум денеска прогласи автономна зона на Филозофски/Филолошки факултет. Со вреќи за спиење и шатори, студентите направија окупација и порачаа дека нема да си одат и ќе спијат на факултетот, се додека не се исполнат нивните барања.

„Не сте свесни, колку сме бесни“, „Автономна Зона“, „Студентска контрола“, „Не сакам да живеам во 1984“, се само дел од транспарентите на студентите кои побараа да се одложи примената на последните измени на Законот за високо образование до 2018 година, со што би се оставило доволно простор да се изработи комплетно нов закон.

Студентска окупација

Наставата беше прекината и на Правниот и Економскиот факултет, каде студентите прогласија автономна зона и слободен студентски простор. Студентите ги повикаа сите граѓани кои сакаат да им помогнат, на факултетите да достават храна, ќебиња и санитарни материјали.

Студентска окупација

Студентката Ана Кнежевиќ вели дека прогласуваат автономна зона и ги повикуваат сите студенти да дојдат во ослободувањето на универзитетот.

„Ние ќе бидеме тука се додека не се исполнат нашите барања, а тие се: Законот да се одложи до 2018, не само делови, туку целиот пакет закони. Во меѓувреме, бараме да се подготви целосно нов закон кој ќе го замени овој апсурден закон и исто така бараме студентите од Студентскиот Пленум и професорите од Професорскиот Пленум да учествуваат во креирањето на овој нов закон, рамноправно. Бараме веднаш да се започне со работа, да не се одложува работата три години и да биде заборавено до тогаш. Студентите ќе бидат тука, ќе спијат, се додека овие барања не бидат исполнети“, вели Кнежевиќ.

Студенти: Ќе спиеме на факултет додека не ни се исполнат барањата!

Мери Цветковска од пленумот вели дека ветувањата на премиерот не значат ништо се додека не видат дека е донесен целосно нов Закон за високо образование.

„Да ве викне премиерот и да ви каже ви ветуваме нешто, тоа не значи ништо. Додека не видиме истиот закон да е сменет односно да биде донесен нов закон, ние сме тука. Како ќе се шириме тоа зависи од поддршката, јас верувам дека ќе имаме поддршка. Студентскиот пленум е веќе голем и е сериозно движење и како поминува времето ние се повеќе и повеќе ќе се шириме по другите факултети. Останува да се надеваме на ветувањето на Владата, а тоа нема да го правиме со седење дома туку ќе го правиме со спиење на универзитетот, со кампување, со окупација  и конечно со ширење по другите факултети“, вели Цветковска.

Студентите повторија дека итно треба да започнат работните групи составени од студенти, професори и претставници на министерството за образование и наука, кои ќе учествуваат во изработувањето на нов Закон за високо образование. За средбата со премиерот и делумното попуштање со кое државниот испит се одложи за една година, студентите велат дека е резултат на пошироката политичка состојба.

„Со оглед на тоа што се работи за закон против кој во последните четири месеци се јави страшен отпор и кој беше изгласан во Собранието речиси насилнички, имаме причини да се сомневаме дека ваквото попуштање иако не целосно, не значи дека премиерот ја увидел апсурдноста на сопствениот закон, туку дека е резултат на пошироката политичка состојба. Да не заборавиме, додека премиерот ветува, а нашите народни избраници демек гласаат, на Македонската Радио Телевизија, се уште врти рекламата колку државните испит е супер“, рече еден од студентите од Студентски Пленум.

За време на окупацијата студентите повикаа на почитување на етичките кодекси и академско однесување. Студентите за утре најавија окупација и на дел од техничките факултети. Окупацијата која беше најавена минатата седмица е резултат на изгласувањето на новиот Закон за високо образование со кој се воведува државен испит за студентите и отсуството на дебата при неговото донесување.

K.O.