Студентски пленум -УКЛО: Битолските студенти се подготвуваат за окупација

Студентска окупација ќе има и во Битола е одлучено на вечерашната средба на Студентскиот пленум -УКЛО.  Точниот датум се уште не е утврден, а деновиве студентите ќе одлучат кој факултет во овој град ќе биде прогласен за слободна, автономна зона.

„Договорено беше формирање на работни групи кои ке бидат задолжени околу реализација на блокадата, односно за окупацијата на факултетот . Со консензус е донесена одлука за реализирање на окупацијата, а во игра остануват два факултети“, вели за Радио МОФ Борис Николевски, од битолскиот Студентски пленум.

На средбата која вечерва се одржа во Домот на културата, а каде присуствуваа триесетина студенти , Пленумот ја побарал поддршка и од останатите колеги да се вклучат во работните групи и да помогнат во организирањето на окупацијата.

Николовски информираше дека покрај студенти, присутни биле и претставници од Наставничкиот пленум, а студентите добиле ветување од дел од своите професори дека доколку се спроведе окупацијата, ќе дојдат да ги поддржат и да одржат предавања во „окупираната зона“.

Иако првично беше најавено дека средбата за идните активности на студентите ќе се одржи на Факултетот за биотехнички науки, синоќа локацијата беше променета бидејќи студентите добиле најава дека ќе наидат на затворени врати.

Денеска во Скопје, студентите од УКИМ го окупираа Филозофскиот и Филолошкиот факултет, а ја блокираа наставата на Правен и Економски. За утре е најавена окупација на техничките факултети. Во екот на окупацијата, а по итна постапка,  денеска Собранието го изгласа законот за изменување на Законот за високо образование со кој се одложува за една година спроведувањето на државниот испит за студентите, а за две години и обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор.

Студентите пак бараат одложување на примената на Законот за високо образование и државниот испит до 2018 година, како и  вклучување на студентите во носење на новиот закон, револтирани од игнорантскиот однос на власта и недостигот на дебата.