[Галерија] За урбаното зеленило по скопските згради

Зелени кровови, вертикални градини, многу зеленило – се ветувањата на инвеститорите кога се градат нови згради во Скопје, една од најзагадените метрополи во светот. Темата повторно стана актуелна по најавите за вертикалните градини на новите згради што се најавуваат во строгиот центар на Скопје, на паркингот спроти хотелот „Холидеј ин“. Според синоќешните изјави на архитектот Мартин Пановски во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма, кога за прв пат презентираше фотографија од реалниот проект, на парцелата од 12.000 квадрати дури 6.520 ќе бидат зеленило.

Меѓутоа, иако зеленилото никнува на сите страни во идејните проекти за зградите, реалноста во Скопје знае да биде малку поинаква. Така на пример, проектот кој беше најавен како урбана градина во Карпош, различно изгледа во реалност. Доволно е само да се споредат сликите со кои тој се најавуваше пред неколку години, а кои сѐ уште стојат на Фејсбук страницата на инвеститорот.

Сличен е примерот и со зградата која никна во Аеродром, на зеленилото кај Мајчин дом, а на чија изградба претходеа повеќе протести. Инвеститорот најави зеленило на терасите во рекламите за зградата, но пред граѓаните вети и дека дополнително ќе засади 150 високоизраснати дрва. Засега од најавите видливи се саксиите со подзасушено цвеќе на терасите на неодамна вселените станари.

Зградите и во двата примери се од ист инвеститор, компанијата „ЗСФ КОМ“. За тоа што се случи со најавеното зеленило, Радио МОФ упати и прашања до инвеститорот, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Најмалку 20 % зеленило на секоја градежна парцела

Според Законот за урбано зеленило, во процесот на урбанистичко планирање, при изработка на Генералниот урбанистички план, потребно е да се обезбеди 25 м2 зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на град. Исто така постои и обврската при изработка на деталните урбанистички планови и архитектонско-урбанистичките проекти, да се обезбеди најмалку 20 % зеленило на секоја градежна парцела. За градежните парцели пак кои се наоѓаат во градски подрачја каде што не постојат просторни можности за обезбедување на процентот за зелена површина или на локации со веќе изградени објекти може да се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади.

Архитектката Невена Георгиевска укажува дека идејата на Законот на зеленило и бараните 20 отсто на градежна парцела беше да се озелени градот, да му донесе чист воздух, кој, вели таа, го немаме, и поздрав живот на граѓаните, кој го немаме.

„Наместо тоа, предвиденото зеленило скоро и да го нема и на негово место се поставени жардињери во партерот, кои на станарите им ‘личат убаво’. Јасно е дека инвеститорот за да го реши паркирањето морал да го изгради комплетно во граница на парцелата подземниот простор, па на партер не останува ни грам земја за пристојно садење на дрвја. За трева и цвеќенца не ни размислувам“, потенцира Георгиевска.

Според неа, гледаме проекти, рендери, каде од секој кат извира зеленило.

„Сакаш да направиш допадлив објект? Стави дрво – не едно, повеќе. А во суштина, сè уште не сум видела ниту една од овие ‘зелени’ згради во Скопје. Има таква, ама во Милано. Се прашувам дали ние станарите треба да си засадиме цвеќиња и борчиња на балконите или инвеститорот сепак треба да постапи по условите за градба и добиената дозвола и статички да предвиди извеба на балконски жардињери, добро изолирани за да не им тече на комшиите и во кои навистина ќе биде засадено зеленило со крошни како на рендерите. Да не се лажеме!“, потенцира таа.

Прашува дали ревидентите гледаат дали во техничката документација се приложени основи, пресеци и детали на балконски жардињери? Односно, го гледаат ли истото службите во општините кои ги потпишуваат дозволите за градба, или само обоената зелена површина на цртеж е доказ за 20 отсто зеленило.

„Дали надзорот пред да ја потпише градежната книга потврдил дека се засадени предвидените 20 отсто зеленило? И без да се изземаме ние професионалците, ги предизвикувам оние колеги кои учествувале и дале свои забелешки при предлог закони за градба, зеленило и планирање? Законите, сами по себе не значат ништо. Добар закон е добро спроведен закон. Несфатливо е што сепак се работи за здравјето на секој еден од нас“, потенцира Георгиевска.

И активистката Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива“ укажува на проблем со задолжителниот процент на зеленило во парцелата. Тоа го компензираат со зеленило на покриви, балкони, вертикални зелени ѕидови, односно, вели таа, сето тоа е на првичните слики пред да се добие градежната дозвола.

Меѓутоа, таа прашува како ќе се запази тоа зеленило и кој ќе проверува дали тоа зеленило на парцелата сѐ уште е 20%, конкретно за балконите на зградите?

„Градежната парцела има инвеститор и тој гради. Понатаму таа зграда е во сопственост на повеќе жители. Кој е одговорен да го запази тоа 20% зеленило откако ќе се добие градежната дозвола и ќе се продадат становите? Некој од надлежните ќе оди таму и проверува дали тоа зеленило е сѐ уште таму, сѐ уште се одржува? Прашањето останува отворено. Законот за зеленило има некои пропусти кои треба да се надминат, со Правилници и др, но, мора да се најде начин да се контролира, за да не прави замајување на јавноста дека процентот е запазен. А, прашање е и дали е доволно 20% зеленило“, вели Георгиевска.

Архитектот Мишко Ралев, инаку претседател на Асоцијацијацијата на архитекти на Македонија, вели дека кога се работи за урбано зеленило во вид на кровни тераси со високостеблести садници пак е потребна додатна инвестиција. Затоа додава дека засега малкумина се заинтересирани за него. Според него пак, зелените кровови не влегуваат во задолжителните 20% урбано зеленило, туку тоа се однесува за партерно зеленило, во кое на пример влегува и просторот над подземните гаражи.

„Што значи, ако направиме увид, тоа е занемарливо колку малку има кровни тераси. Така да, заинтересираноста е едно, но спремноста да се направи е сосема друго. И во проекции гледаме изобилство, значи во проекти, но во реализирани проекти, многу малку. Од тоа заклучокот е дека на крај математиката ги тера инвеститорите да НЕ, затоа што тоа има додатни изолации, хумус, големо оптеретување додатно на конструкцијата, тие конструкции се појаки за да има големо зеленило“, вели тој.

Појаснува и дека има неколку типа на зеленило, од такви кои бараат дваесетина сантиметри хумус, сè до високостеблести растенија кои што бараат до метар го поскапува изведувањето.

„Секое зеленило помага и може да помогне, ама, не смееме да се ослонуваме на тоа, а да занемариме да ги прекинеме изворите на загадување“, вели архитектот.

Не е џабе бунтот и самоорганизираноста за одбрана на простори

Последниот пример со просторот спроти „Холидеј Ин“ повторно ги отвори старите рани за тоа колку е можно притисокот на граѓаните да резултира со откажување на проектот. Или да се направи парк наместо згради. Далеку побројни се примерите кога и покрај протестите на граѓаните, во паркот сепак никнала зграда. Сепак, иако ретки, постојат примерите во Скопје кога под притисок на граѓаните останал паркот кој требало да биде зграда.

Прво на ум паѓа зелениот простор на улица „Бојмија“, на почетокот на Аеродром кај Железничка станица. Пред повеќе од две децении, зградата на „Неоком“  беше одредена меѓу четирите кули, насред паркот, а не како што е сега крај булеварот „К.Ј. Питу“. Локалните граѓани се самоорганизираа и успееја да го одбранат паркот, иако инвеститорот заедно со изведувачот веќе имаше ископано огромна дупка за темелите за објектот, тврдејќи дека се’ е по закон, со комплетна документација. Локалната заедница се бунтуваше, рушеше тараби, дење и ноќе дежураше пред зградите, застанувајќи на патот на најмените багери и работници.

Дупката наскоро беше закопана, машинеријата си замина, а зградата подигната на новата локација. Последно, општината меѓу кулите на „Бојмија“ постави фонтана, партерно уредување, детски лулашки и зелен фудбалски терен.

Друг пример е паркот во Карпош во Тафталиџе 1, на улица „Букурешка“. Во 2016-та пристигна најмена машинерија од АДСДП, работници почнаа да прават терен за зграда, поставија и тараби. Општина Карпош тврдеше дека е легитимна станбена зграда. Одобрението за градење за објектот беше „правосилно“ со „позитивни мислења од сите надлежни институции“. Односно, маркица за градба утврдена со ДУП во 2003 година, потврдена потоа со ДУП-ови во 2012 и 2016 година.

Сепак и тука граѓаните се бунтуваа, уриваа тараби и дежураа во паркот. Организираа и заеднички настани, сите генерации на купче, комшија за комшија, човек за човек. Сега на локацијата повторно има парк со реквизити за деца.

————————————

Покрај просторот кај „Холидеј ин“ каде според последните информации ќе се градат дваесеткатници со зеленило по терасите , на мета на инвесторите се најмалку уште две важни локации од кои во иднина ќе зависи животот околу центаралното градско подрачје. Граѓаните бараат парк на местото на старата фабрика „Треска“ во Општина Центар, а силни критики има и за плановите за градба во празниот простор во „Расадник“ , во Кисела Вода. Последниот збор сепак ќе го имаат институциите за тоа дали на овие простори ќе никнат згради, колку ќе се број, но и дали ќе има нормални услови за живот и неопходното урбано зеленило.

 

* На мобилен телефон галеријата пооптимално може да се гледа и со ставање на телефонот во хоризонтална положба и освежување (refresh) на страницата

Ј.Ј/Б.Ш/М.К.