Сто нови згради во Расадник – критики за новиот ДУП на Кисела Вода

Последниве денови во јавноста е актуелен планот за изградба на 100 згради на засега празниот простор во Кисела Вода во Расадник. Тука се предвидува реализација на уште еден проект во една од најфреквентните населби во главниот град, на површина од 550.000 квадратни метри.

Како во време на општа гужва во градот, и енормна аерозагаденост, овој проект ќе влијае на животот на скопјани, разговаравме со жителите на Кисела вода, архитекти, активисти. Мислењата на жителите на Кисела Вода се поделени. Сопственици на земјиште во Расадник, се најзаинтересирани за градба.  Останатите, главно негодуваат.

Локацијата Расадник до која треба да се гради

Запуштениот предел мора да се среди, велат жителите со кои разговаравме на терен. Дел од нив ја поздравија идејата за целата зелена површина да се урбанизира и да се изградат нови станбени објекти, иако и самите признаваат дека 100 нови згради е преголема бројка која само ќе го задуши целиот реон. Други сметаат на Кисела Вода и треба парк. Искра Димитрова, жителка на општината, го спореди Расадник со кејот во општина Аеродром кој беше претворен во парк и додаде дека токму такво нешто и треба и на оваа општина.

„Пред Советот на општината да реши за бројот, а богами и габаритот на зградите, би сакала да потсетам на следното: во сабајлечки „раш аур“ низ Кисела Вода е хаос, пред Рампа е сообраќајна „инка“, има ли визија како да се нормализира барем сегашната ситуација? А за колите на дополнителни 100 згради или 100 згради по 30 стана се 3000 возила повеќе?“, изреволтирано вели Димитрова.

Таа е изреволтирана од постојаното игнорирање на проблемите и барањата на граѓаните од страна на општината. Според Димитрова, овој проект ќе биде преголем дополнителен товар на општината, инфраструктурно и финансиски.

„Општината постои за да ги застапува интересите на жителите на таа општина – пред се’, основните, егзистенцијални потреби – на чист воздух и околина. Не може заради интересите на 1% сопственици на имоти кои си нашле инвеститори да им се уништува уште повеќе животната средина на останатите 99% во овие услови на алармантна загаденост. Без булевари и згради не се умира, со уште полош воздух се умира.
Новиот број население значи ново загадување од изградбата, сообраќајот, дополнително загревање…“, дополнува таа.

Радио МОФ разговараше и со сопственичка на парцела на сега актуелното земјиште. Не сака да зборува со име и презиме, но објаснува дека имотот нејзиното семејство го добило со денационализација.

„Сакам да се гради“, коментира кратко за Радио МОФ појаснувајќи дека веќе има понуда од потенцијални купувачи.

Локацијата до Расадник на која треба да се гради

Според архитектот Мартин Пановски, било кој план вклучувајќи го и овој, треба да соодветствува со генералниот урбанистички план на град Скопје. Не сака да ја коментира бројката од 100 нови згради во Расадник, но смета дека развојот на Скопје не смее да запре.

„Причинителите за закрченоста и загаденоста треба да се бараат на друго место. Градот Скопје го донесе овој план на јавна расправа и сега оди во град Скопје да се види дали е во согласност со ГУП или не, доколку не е има комисија во град Скопје која што ќе даде свои забелешки кои што општината мора да ги прифати како такви, истото мора да го сторат и од Министерството за транспорт и врски,” вели тој.

Пановски Скопје го дефинира како збир од помали градчиња, каде што никој ја нема моќта. Доколку тој би ја имал моќта да одлучува што би изградил на ова место, вели дека би го вратил урбанистичкото планирање на ниво на град Скопје.

„Што и да пробуваме да направиме се додека урбанизмот е расцепкан на поединечни општини цело време ќе се случуваат вакви работи, бидејќи едноставно на тие општини им требаат пари. Доколку градот е еден и парите се на едно место, не сакаат моќ затоа што тогаш тој градоначалник на Скопје би бил многу моќна политичка фигура. Затоа и е направено да се расцепка, никој да нема моќ да направи било што. Така што имате во суштина локални шерифи, јас така сакам да ги наречам, кои што се занимаат со локалните работи. Тие целината на градот ја гледаат во градот Скопје но сепак немаат моќ таа целина да ја спроведат”, образложува тој.

Според него во Скопје мора да се размислува и планира заеднички. Луѓето мора да ја тргнат настрана себичноста и да гледаат на тоа дали една зграда е целосно добра и погодна за средината пред да се започне со градење.

„Ако прашате некој во моментов кој има земја или мала куќа од тој дел, тој со сигурност ќе ви каже дека сака да се гради, некој што веќе си изградил зграда на место на мала куќа тој со сигурно ќе ви каже дека не треба веќе да се гради. Така да работите мора да се гледаат од аспект на заедништво, ние не сакаме да ги гледаме од аспект на заедништво работите“, дециден е Пановски.

Од Општина Кисела вода најавија дека ќе одговорат на прашањата од Радио МОФ, за новиот ДУП во Расадник, до објавувањето на текстот не добивме одговор.

[Фото] Дрвата во Расадник родија згради

Ангела Илиевска и Георги Божиновски