Богдановиќ се пофали дека со конкурс ќе се уредува „Треска“, Белчева бара конкурсот да не стане параван за приватен интерес

На вчерашната вонредна седница, Советот на Општина Центар го усвои Заклучокот во кој се одлучи за начинот за тоа дека по пат на јавен конкурс ќе се уреди локацијата позната како поранешна „Треска“, соопшти градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ.

Тој вели дека советниците на општината, со 12 гласа „за“ изгласале дека по пат на конкурс за урбанистичко решение ќе се решава за изгледот и содржината на она што ќе биде на опфатот на дел од ДУП Градска четврт З 11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2.

„Во изборот и оценувањето на доставените конкурсни решенија, општината ќе ја вклучи целата стручна јавност – Академија на архитекти, Асоцијација на Архитекти и комора на архитекти. Општина Центар уште еднаш докажа дека јавниот интерес е пред се’“, соопшти Богдановиќ.

Преку јавно соопштение, со свои видувања и аргументи зошто ја напуштила седницата, се обрати и активистката од „Здравје пред профитот“ Јана Белчева, која е претседавачка на Советот на Центар.

Меѓу другото, таа вели дека конкурсот како инструмент за натпревар на креативни идеи е можност да се докаже дека општината навистина ги штити јавните интереси. Бараниот Конкурс за Треска, вели Белчева, е крик на граѓаните дека просторот во кој живеат не е по нивна мерка, дека им недостасува некој да ги чуе и разбере и да им го врати спокојот и убавината во секојдневието.

„Затоа важноста на прифаќање да се решава конкурс за Треска требаше да биде доказ дека локалната власт го слуша овој крик. Жал ми е што административните бариери беа пречка за прифаќање на граѓанската иницијатива, иако бариерите се поставени токму од власта и таа треба да ги отстранува за да ја охрабри соработката со граѓаните. Но најмногу жалам што градоначалникот смета дека има дискреционо право да одлучува за Комисија, за финансирање и за дефинирање на барањата. Неговите предлози за тоа како и кој ќе ги дефинира влезните параметри по кој ќе се работи конкурсот, барањата кои мора да бидат задоволени во решението, но уште повеќе како и преку која програма ќе се финансира конкурсот отвораат простор за задоволување на интересни групи, а на штета на јавниот интерес и граѓаните“, соопштува Белчева.

Нагласува дека нејзиното залагање не е за конкурс како легално/технички параван за да се изигра интересот на граѓаните за сметка на политичко-бизнис интересни спреги, како што, вели таа, било случај и со „Скопје 2014“, проект кој „победи“ на конкурс.

„Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. Дел од Советниците се натпреваруваа во гласност и се истакнуваа да се произнесат колку е важен приватниот интерес и правото на сопствениците, можеби и додворувајќи се на некои од инвеститорите присутни на седницата, најпрво во задните, а потоа во првиот ред, веднаш до градоначалникот. Тоа ми отвори сомнеж во чесните намери да се пристапи кон решавање на овој простор во градот и повторно да влеземе во игри каде формалниот конкурс би можел да се искористи како параван, а не да биде суштинска промена во планирањето на градот во партнерство со граѓаните, стручните лица и локалната власт, водени од иста цел“, соопшти Белчева.

Ненаоѓајќи компромис и желба за дијалог преку кој ќе се зајакне начинот на заштита на јавниот наспрема приватниот интерес, нагласува Белчева, и било аргумент да ја напушти седницата.

„Самиот назив Конкурс, не значи и квалитет, па ни одлуката ЗА конкурс не значи решение по мерка на граѓаните. Ги повикувам граѓаните на будност и барање транспарентност во целокупниот процес на реализација понатаму“, стои меѓу другото во обраќањето на Белчева.