[Фото] „Загадениот воздух чини живот“- предупредувачки протест за чист воздух во Автокоманда

Стотина граѓани вчера се собраа на плоштадот во Автокоманда на протест на кој побараа чист воздух. На протестот кој беше организиран од иницијативата „Автокоманда сака да дише“ , граѓаните носеа транспаренти на кои пишуваше „Загадениот воздух чини живот“, „Не ги загадувај децата“, „Сакаме чист воздух“.

Организаторите пред граѓаните ги претставија барањата меѓу кои беа и редовните инспекциски контроли на фабриките, како и профункционирање на мерните станици. Потсетија дека протестот е предупредувачки, а доколку не се огласат посочените инстутиции најавија и помасовни протести.

„Строго спроведување на Законот за квалитетен амбиентален воздух, итно запирање на постапката за издавање дозвола за работа за најавената нова фабрика за тешка индустрија во комплексот „Железарница“, како и засилен мониторинг на воздухот и воспоставување транспарентен систем за следење на загадувањето чии што податоци јавно ќе се објавуваат и ќе им бидат достапни на граѓаните“, се дел од барањата на иницијативата.

На настанот се обрати и активистот Ѓорги Танушев од „Здрава Котлина“ кој им даде поддршка на демонстрантите.

На протестот беше присутен и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски. Најави дека во четврток ќе се одржи посебна седница на советот на Општина Гази Баба, на која се очекува да присуствуваат и претставници на невладините организации, Министерството за животна средина и просторно планирање, Инспекторатот за животна средина и други, како би ги лоцирале сите чинители кои што влијаат врз лошиот воздух и животната средина.

Прашан од Радио МОФ за тоа што конкретно има направено за чист воздух, Георгиевски вели дека пред се работат во делот на уредување скверови, озеленување и садење дрвја, како и на проекти со алтернативната енергија.

 

М.К.