Фестивал „Дотерај го Скопје“ и кампања за градот да стане европска зелена престолнина до 2025

Во „Јавна соба“ од 1 до 4 септември (петок до понеделник) се одржува продолжен фестивалски викенд во рамки на проектот „Дотерај го Скопје“.

Од „Дотерај го Скопје“ најавуваат фестивал исполнет со „урбани херои, дискусии како заедно да го направиме Скопје позелено, фотографии од нашите акции, видеа, музика, смеење и позитивни вибрации“.

Низ програмата, меѓу другото, ќе се одржат дискусии „Скопје, Европска зелена престолнина 2025“ и „Медиумите како сигурен аларм за заштита на животната средина“, потоа проекции на филмови „Зелено кино“, селекција на природни и еко- производи „Green design store“, презентации, работилница „Како да направиш мала вертикална градина“, стенд-ап настапи, но и концерти на Александар Пешевски, Minstrel’s Gallery, Swingwalkers, Mammoth & Yashem и Флека.

Фестивалот „Дотерај го Скопје“ е заокружување на тримесечната интензивна работа на граѓаните. Односно, граѓаните се пријавуваа, а тимот на „Дотерај го Скопје“ излегуваше на терен, доделуваше брзорастечки бршлени и тие се садеа. Се засадија 1.500 бршелни на 50 различни колации, инволвирани се околу 300 граѓани во проектот.

Тимот кој го работи фестивалот најави нова кампања за разубавување на градот.

„Овој проект беше еден тест за граѓаните да сфатат дека моќта на одлучување лежи во нивните раце и дека тие може да преземат нешто и Скопје да го видиме позелено и поубаво. Верувам дека имаме шанса, но во оваа кампања треба да се вклучат повеќе инстуции. Зависи и од граѓаните, поддршката од медиумите. Мислам дека ќе успееме да го номинираме Скопје за зелена престолнина во 2025 година. Свеста кај граѓаните е на повисоко ниво, за разлика од пред две години“, рече Александар Велиновски од „Јавна соба“, координатор на проектот.

Сите видеа издадени во врска со „Дотерај“ го Скопје се достапни за преглед на Јутуб.