Европските држави со различни пристапи околу отворањето на училиштата, кај нас лажни вести

Откако започнаа да кружат дезинформациите дека основните и средните училишта во земјава ќе се отворат на 18 мај, Министерството за образование и наука (МОН)  ја демантираше информацијата.

„Информираме дека се работи за лажна информација и документ кој воопшто не е подготвен од страна на МОН и усвоен од Владата. Оваа тема не била предмет на дискусија на владините седници во изминатите денови“, соопштија од Министерството.

Оттаму напоменаа дека за сите одлуки кои се носат во време на вонредната состојба јавноста е навремено информирана од службите задолжени а односи со јавност.

Додека кај нас сè уште нема одредено конкретен датум за отворањето на училиштата, ниту пак соопштено став во врска со полагањето на државната матура, европските држави се поделени во ставовите за образованието во време на пандемијата од коронавирусот.

Словенија без конкретен датум, Србија со датум и мерки, а Хрватска во бунило

Словенската министерка за образование, Симона Кустец, сè уште нема посочено точен датум за отворање на градинките и училиштата во Словенија. Но, таа соопшти дека овој петок ќе биде објавена одлуката дали ќе се спроведуваат државните тестови во основните училишта.

Таа додала дека европските држави имаат различни ставови по ова прашање, истакнувајќи дека тешко погодената Шпанија одлучила да ги отвори училиштата на почеток на мај.

Во Србија, онлајн наставата завршува на крајот на мај, а министерот за образование, Младен Шарчевиќ изјави дека во јуни училиштата ќе бидат отворени само за полуматурата на основците и за оние кои сакаат да ги поправат оценките.

Шарчевиќ нагласува дека во регуларни услови е предвидено наставата да трае до средина на јуни, но бидејќи бил скратен пролетниот распуст, онлајн наставата ќе биде завршена порано.

Тој очекува дека поголемиот дел од учениците би имале заклучени оцени до крајот на мај, а оние кои би сакале да ги поправат своите резултати ќе имаат можност тоа да го направат во јуни во самите училишта.

„Учениците нема да се вратат во училниците, наставата завршува со онлајн предавањата, а дозволени ќе бидат индивидуални посети за оние кои требаат да полагаат матура во основно училиште и за оние кои сакаат да поправат оценки“, изјави тој за „РТС“.

Тој додава дека доколку епидемиолошката состојба го дозволи овој план, малата матура (полуматурата) би била организирана во втората половина на јуни, односно 17, 18, и 19 јуни.

Основните училишта во Хрватска, односно одделенијата од 1 до 4, било разговарано да започнат со настава на 11 мај, но сè уште не се објавени мерки и упатства како би се одвивала наставата.

Додека сите очи се насочени кон хрватскиот Институт за јавно здравје, директорот на Националниот штаб за цивилна заштита, Крунослав Чапак, изјави дека препораките биле разговарани, но не и искомуницирано со ресорното министерство.

Училиштата сè уште ја чекаат одлуката, а дел од хрватските директори отворено кажале дека не губат надеж дека Владата може да одлучи поинаку.

Во анкетата која се правела по училиштата, свој став изнесле само половина од образовните институции. Од одговорите е забележано дека 80% од родителите одбиваат да ги пратат своите деца на училиште, истакна Ловриќ.

Дополнителен проблем во Загреб предизвика и неодамнешниот силен земјотрес кој затвори десет училишта, а голем број градби претрпеа штета, па родителите не брзаат да ги вратат своите деца во училниците.

Италија и Шпанија со настава од септември, Данска и Норвешка со отворени училишта за најмладите, Франција и Германија во подготовки, а Англија без датум

Италијанските училишта нема да се отворат сè до септември, изјави за дневниот италијански весник „Ла Република“, премиерот на Италија, Џузепе Конте, додавајќи дека ризикот од зараза е многу висок, а наставата од далечина функционира добро.

Во Италија,  првата земја што воведе карантин во март, засега се детектирани 200,000 заразени случаи и 26,384 смртни случаи.

И Шпанија планира да ги отвори училиштата во септември, откако минатиот месец тие биле затворени поради пандемијата од коронавирусот.

Септември е месецот препорачан од страна на група експерти кои биле назначени да ја советуваат шпанската влада од страна на Шпанската педијатриска асоцијација. 8 милиони ученици кои моментално се наоѓаат во изолација, нема да влезат во училниците следните пет месеци.

Помеѓу експертите во групата, бил и детскиот психијатер Хозе Луис Педреира, кој предупреди дека отворањето на училиштата не може да се случи бидејќи е тешко да се практикуваат мерките за социјална дистанца.

„Училиштата нема да се отворат до септември бидејќи е невозможно да се одржува препорачаната дистанца од 1,5 метри. За ова да биде возможно треба тродупло да се зголеми капацитетот на училишни центри“, истакна Педреира.

Француската влада објави повеќе детали околу ре-отворањето на училиштата кое е планирано за 11 мај.

Министерот за образование Жан-Мишел Бланкер, соопшти дека враќањето на учениците би било прогресивно и нема да изгледа како нормално враќање во училиште.

На 11 мај на училиште планирано е да се вратат децата од 5 до 11 години, за на 18 мај да се вратат оние од 11 до 18 години. На 25 мај, на училиште би се вратиле сите преостанати ученици.

Во Германија, веќе се прават подготовки за враќањето на учениците. Но некои од родителите, па и самите ученици, сметаат дека властите избрзуваат со олабавување на мерките.

Германските училишта беа затворени во март, а властите скоро соопштија дека тие повторно ќе се отворат на 4 мај. Но некои од областите веќе ги отворија училиштата, меѓу кои и областа Северна Рајна Вестфалија каде беа забележани најмногу случаи на Ковид -19.

Дел од германските ученици почнаа да протестираат онлајн и ја добија поддршката од илјадници соученици. Тие не се загрижени само поради пренесување на вирусот, туку и поради неподготвеноста за тестовите кои треба да поминат во отежнати услови. Многу од нив сметаат дека треба да бидат оценети врз база на онлајн предавањата, а единствено да биде дозволено враќање на учениците кои сакаат да ги поправат оцените.

Во Англија, Секретарот за образование Гевин Вилијамсон, соопшти дека сè уште нема официјална одлука за отворање на училиштата, со што ги прекина шпекулациите за брзо отворање.

Тој додаде дека нивното отворање зависи од пет предуслови: службата за јавно здравје да е потполно заштитена при работата, да се намали бројката на дневни смртни случаи, бројот на новозаразени да падне на ниво кое може да се контролира, да има доволни залихи од тестови и заштитна опрема и да не постои ризик од втор бран заболени.

„Само по исполнување на овие услови, може да се разговара за датум за отворање на училиштата“, истакна Вилијамсон.

Данска е првата земја во Европа која ги отвори градинките и забавиштата откако се намали бројот на новозаразени случаи.

Додека малите деца веќе посетуваат градинка, средните училишта и универзитетите би требало да се отворат до 10 мај. Данската премиерка, Мет Фредериксен, истакна дека мерките ќе бидат олабавени постепено.

„Доколку ги отфрлиме мерките одеднаш, се создава опасност дека повторно ќе зголеми бројот на инфицирани што ќе доведе до втор карантин“ додала Фредериксен.

Зголемен број родители и негуватели во Данска беа загрижени да ги пуштат своите деца назад на училиште. Од 6 април, па се до сега, повеќе од 40,000 граѓани се приклучија на „Фејсбук“ групата „Моето дете не е лабораториско глувче за Ковид 19“.

Во Норвешка, каде е постигната контрола врз коронавирусот, училиштата се отворија за најмалите ученици во понеделникот, што е првиот чекор кон нормализирање на состојбата иако дел од родителите беа загрижени.

Учениците од 6 до 10 години, започнаа да се враќаат во своите училишни клупи шест недели откако следеа онлајн настава од дома. Класовите, по отворањето на училиштата се сведени на 15 ученици.

И. С.