Европски земји почнаа со евакуација на своите државјани од Нигер

Франција вчера започна да евакуира стотици свои граѓани и граѓани на Европската Унија од Нигер, неколку дена откако воената хунта го собори претседателот Мохамед Базум и ја презеде власта во земјата, пренесува Ал Џазира Балканс.

„Со оглед на државниот удар во Нигер и фактот дека ситуацијата останува загрижувачка, решивме да се погрижиме француските граѓани кои сакаат да го напуштат Нигер да можат да го сторат тоа“, изјави француската министерка за надворешни работи Катрин Колона за француската телевизија „LCI“.

Според нејзините проценки, стотици француски државјани и стотици граѓани на други членки на ЕУ сакаат да бидат евакуирани со авион, што, според Колона, ќе се изврши во рок од 24 часа.

Сервисот за следење летови „Flightradar“ покажува дека авион, кој е регистриран на француските вооружени сили, синоќа го напуштил аеродромот во Ниамеј, главниот град на Нигер.

Француското Министерство за надворешни работи претходно најави дека Париз, имајќи ја предвид ситуацијата во Нијамеј, нападот врз француската амбасада во неделата и фактот дека воздушниот простор е затворен, ќе започне да ги евакуира своите граѓани и оние од другите европски земји кои сакаат да го напуштат Нигер.

Инаку, Шпанија соопшти дека се подготвува да евакуира повеќе од 70 државјани по воздушен пат, а Италија најави дека ќе организира лет за репатријација.

Германското Министерство за надворешни работи ги повика своите граѓани во Нигер да ја прифатат понудата на француските власти и да се качат на летови за евакуација.