ЕУ отвори преговори за членство со Украина и Молдавија, а потоа Орбан стави вето на пакетот помош за Киев

Европската Унија вчера одлучи да ги отвори преговорите со Украина и Молдавија, но убавата вест за Украина беше расипана неколку часа подоцна откако премиерот на Унгарија Виктор Орбан стави вето на пакетот помош вреден 50 милијарди евра за земјата зафатена со војна.

Специјалниот фонд, кој требаше да се состои од 17 милијарди евра во грантови и 33 милијарди евра во нискокаматни кредити, беше дел од поширокиот ребаланс на заедничкиот ЕУ буџет, кој меѓусебно спротивстави повеќе земји членки, пренесува Еуроњуз.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по пропаднатиот консензус рече дека ова прашање повторно ќе биде дискутирано во јануари со надеж дека тогаш ќе се најдат потребните 27 гласови за да се одобри овој пакет на помош.

„Можам да ве информирам дека 26 лидери се согласија со ребалансот на буџетот. Морам да бидам многу прецизен. Еден лидер, на Шведска, требаше да се консултира со неговиот парламент, што е вообичаена пракса за неговата земја, а еден лидер не се согласуваше со предлогот“, рече Мишел.

Во моментов ЕУ има преостанато уште една исплата кон властите во Киев од 1,5 милијарди евра, која треба да се реализира на крајот на декември.

Ова одбивање на финансиската помош за Украина доаѓа само неколку дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува во Вашингтон во неуспешен обид да ги убеди американските законодавци да одобрат дополнителни 61 милијарди евра за неговата држава, најмногу за купување на оружје од американските производители.

И покрај ова фијаско, самитот на ЕУ обезбеди огромен напредок за Украина и за Молдавија, откако лидерите се согласија да ги започнат преговорите со овие две држави кои поднесоа кандидатура за членство во Унијата на самиот почеток од руската инвазија. Ваквиот чекор се гледа како противодговор на насилниот обид на рускиот претседател Владимир Путин да ги стави под своја контрола своите најблиски соседни земји.

Паралелно со ова, ЕУ одобри кандидатски статус за ЕУ на Грузија, а беше доделен и условен почеток на преговорите со ЕУ за Босна и Херцеговина, со забелешка дека тие ќе започнат откако ќе бидат задоволени критериумите за членство.

„Ова е многу силен политички сигнал и многу силна политичка одлука. Денеска и вечерва покажавме на граѓаните од Украина дека сме на нивната страна и оваа одлука направена од земјите членки е многу важна за кредибилитетот на Европската Унија“, рече Мишел.

Почетокот на преговори со Украина беше изненадувачки со оглед на жестоките противења на Орбан пред самитот. Пред вчерашната средба, унгарскиот премиер ја доведуваше во прашање подготвеноста на Украина за почеток на преговорите, како и кредибилитетот на Европската Комисија, како непристрасен субјект во целата ситуација.

Откако го доби кандидатскиот статус во јуни минатата година, на Украина им беа дадени седум реформски услови за почетокот на преговорите. Брисел вели дека земјата целосно исполнила четири од овие седум реформи и дека потребна е дополнителна работа во полето на анти-корупцијата, де-олигархијата и правата на малцинствата.

Во кратко видео објавено на Х (Твитер), Орбан повторно изрази негодување, но призна дека гласал воздржано за почетокот на преговорите со Украина. Подоцна беше откриено дека германскиот канцелар Олаф Шолц побарал унгарскиот премиер да ја напушти просторијата пред гласањето.

„Унгарската позиција е јасна – Украина не е подготвена да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Одлуката за почеток на преговори со Украина во овие околности е целосно бесмислена, ирационална и неправилна и Унгарија нема да ја смени својата позиција. Но, истовремено, 26 други држави инсистираа да ја донесат оваа одлука. Поради тоа Унгарија реши дека ако 26 земји мислат на еден начин, тие треба да одат во тој правец. Унгарија не сака да ги дели нивните лоши одлуки, и поради овие причини Унгарија денеска не учествуваше во одлучувањето“, рече Орбан.

Вестите од Брисел предизвикаа бура од позитивни реакции на социјалните мрежи, каде бројни лидери ја опишаа денешната одлука како „историски ден“.

„Ова е победа за Украина. Победа за целата Европа. Победа која мотивира, инспирира и дава сила. Историјата ја прават оние кои не стануваат заморни од борбата за слобода“, напиша Зеленски.

„Молдавија денеска врти нов лист со почетокот на преговори со ЕУ. Ја чувствуваме топлата прегратка на Европа денеска. Ви благодариме за вашата поддршка и вербата во нашиот пат“, изјави молдавската претседателка, Маја Санду.

Вчерашната одлука е првиот чекор во долгиот и темелен процес во кој се поминуваат 36 тематски поглавја за доаѓање до полноправно членство во ЕУ, пат кој често знае да трае со години.

Следниот чекор е изработка на преговарачка рамка, во која ќе бидат во детали наведени принципите и патоказот за преговорите, која исто така треба да биде одобрена од сите 27 земји членки со консензус. Ова може да се случи веќе во март доколку Украина ги исполни и преостанатите три услови дадени од ЕУ.